Колку и да сте љубител на топло време, сонце, море и плажа, мора да признаете дека есента е најубавото годишно време која ја красат живописни бои. А доколку сакате малку од таа убавина да понесете дома и на вашата соба да и дадете прекрасен есенски шарм, направете го овој сад од есенски листови.
Може да користите листови од јавор, лозница, костен или било кои други дрвја по ваша желба, само внимавајте истите да се со еднаква големина и секако да се целосни и неоштетени. Самото собирање на лисјата може да биде забава за целото семејство, особено за најмалите кои најмногу се радуваат на ваквите „направи сам“ проекти. Може дури и да се натпреварувате кој ќе собере поубави листови, а потоа да се вратите дома и да започнете со работа. Погледнете го видеото и следете ги инструкциите.
Потребни материјали:
- декупаж лепило кое во себе содржи и лак
- балон
- есенски листови
- сунѓер за премачкување.
Начин на изработка:
- Најпрво надувајте го балонот и ставете го во некој сад. Балонот ќе послужи за оформување на обликот на садот од есенски лисја.
- Половина од балонот премачкајте го со лепилото за декупаж, а потоа врз него лепете ги листовите еден по еден. Секој лист премачкувајте го со лепило, а листовите редете ги така што ќе се преклопуваат.
- Постапката повторувајте ја се додека го добиете посакуваниот облик и големина на садот.
- На дното од садот ставете малку повеќе листови за да добие на цврстина.
- Откако ќе ја излепите половината на балонот со листови, оставете го да се исуши. Штом лисјата ќе се исушат и стврднат со помош на игла дупнете го балонот. На тој начин ќе го добиете убавиот декориран сад од есенски листови.
Совет плус: Овој сад не смее да го користите за течности или за тешки предмети. Идеален е за чување на чоколади и бонбони.
Ви препорачуваме да прочитате: Декоративни есенски свеќници од тегла.