Брзи печива со цимет и тиква

Во овие денови, кога сите се фокусирани на подготвување зимници, изненадете ги вашите најблиски со совршен есенски десерт. Направете брзи печива со цимет и тиква и почувствувајте го мирисот на есента во вашата кујна.

Рецептот за овие брзи печива со цимет и тиква ни доаѓа од кујната на нашата пријателка Елизабета. Изгледаат преубаво и веруваме дека се превкусни, па ви препорачуваме да ги пробате во прва прилика. А за комплетно есенско уживање, со семејството или пријателите, послужете ги во комбинација со топол чај или кафе.

Брзи печива со цимет и тиква

Состојки:

За тесто:

  • 120 мл јогурт
  • 60 мл вода
  • 50 мл масло за јадење
  • 1 белка
  • ½ лажичка сол
  • 2 лажици шеќер
  • 1 сув кавсец
  • 2 лажици путер
  • 3 чаши брашно

За фил:

  • 1 лажица цимет
  • 2 лажици кафеав шеќер
  • 1 лажица путер
  • 100 г варена и исцедена тиква

За премачкување:

  • жолчка
  • 1 лажица млеко

Подготовка:

  1. Во длабок сад ставете ги јогуртот, водата, маслото за јадење и белката. Измашајте за состојките да се соединат. Потоа, ги додавате шеќерот, солта, квасецот и постепено брашното. Замесете тесто и при крај на месењето додајте го и путерот.
  2. Тиквата ставете ја во блендер и изблендирајте ја за да добиете пире.
  3. Во друг сад измешајте цимет, кафеав шеќер и 1 лажица путер. Садот оставете го на собна температура.
  4. Тестото расукајте го во правоаголна форма. Премачкајте го со мешавината од цимет, путер и кафеав шеќер. Потоа распоредeте го и пирето од тиква.
  5. Горниот дел превиткајте го до половина и долниот врз него. Ќе добиете правоаголник со ширина од околу 10 cm. Правоаголникот исечете го на 10 ленти.
  6. Секоја лента ја сечете на 2 дела, но не до крај и исплетете плетенка. Сплетената плетенка свиткајте ја во форма на топче.
  7. Калапот за мафини премачкајте го со путер и распоредете ги затворените плетенки. Плетенките премачкајте ги со мешавина од млеко и жолчка и ставете ги да се печат во претходно загреана рерна на 180 степени околу 25 минути.
  8. Готовите печива послужете ги во комбинација со кафе или чај и уживајте во есенските денови. На здравје!

Совети од авторот:

  • Кога го премачкувате тестото, оставете ги краевите празни по 2 cm, бидејќи при формирање на плетенките може да дојде до излевање на филот.
  • Откако ќе го превиткате тестото, пред да го сечете на ленти, добро е да го попрскате малку со брашно, бидејќи тестото е меко, а брашното ќе ви помогне за полесно плетење.

Автор на рецептот: Елизабета Пешовска (My little kitchen stories).

Ви предлагаме да прочитате: Домашни крцкави переци.

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

Сподели: