домашни крцкави переци

Домашни крцкави переци

Омилени печива за појадок кај повеќето луѓе се переците. Овој рецепт го најдовме на инстаграм блогот „my little kitchen stories“ на нашата пријателка Елизабета. Таа вели: „Имаат многу едноставна подготовка, а добивате крцкави переци подобри и од пекара.“

Топлите крцкави переци послужете ги за појадок или вечера, во комбинација со парче сирење. Сигурни сме дека откако еднаш ќе ги пробате, ќе сакате да ги направите пак.

домашни переци

Состојки:

  • 200 мл топло млеко
  • 1 сув квасец
  • 1 лажица шеќер
  • 70 мл масло за јадење
  • 500 г брашно
  • 1 лажичка сол.

За прелив:

  • 3 лажици брашно
  • 1 лажица сол
  • 3-4 лажици вода.

Подготовка:

  1. Во длабок сад ставате ги млекото, шеќерот, сувиот квасец и 1 лажица брашно. Измешајте и оставете ја смесата 5 минути.
  2. Потоа, додајте масло и постепено додавајте го брашното со 1 лажичка сол. Замесете тесто и оставете го 30 минути да нарасне.
  3. Од тестото формирајте 6 топчиња. Со раце, секое топче исукајте го во форма на стапче, со должина околу 30 cm. Двата краја преплетете ги еден со друг и носете ги кон средината.
  4. Обликуваните переци ставете ги во тава обложена со хартија за печење и оставете ги уште 20 минути да нараснат.
  5. Во меѓувреме спремете го преливот. Во сад ставете ги брашното, солта и водата. Убаво измешајте да добиете хомогена смеса. Смесата треба да биде погуста од смеса за палачинки.
  6. Переците ставете ги да се печат во загреана рерна на 180 степени за време од 25-30 минути.
  7. Откако малку ќе заруменат, извадете ги од рерната и попрскајте ги со преливот. Потоа, вратете ги во рерна за да се допечат.
  8. Готовите переци послужете ги додека се топли. На здравје!

Совети плус:

  • Колку повеќе го оставате тестото да нарасне, толку помеки ќе бидат вашите переци. Многу е важно и второто нараснување од 20 минути.
  • Откако ќе ги попрскате со преливот пред крајот на печењето, печете уште 5-7 минути. Ако се печат подолго време, може да изгори преливот.

Автор на рецептот: Елизабета Пешовска (My little kitchen stories).

Ви предлагаме да прочитате: Баварски переци со пиво.

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

Сподели: