Кај малите деца во лето многу често се појавува осип кој е предизвикан од топлина. Може да се јави кај деца од сите возрасти, но сепак најизразен е кај бебињата. Дознајте како изгледа, што предизвикува и што може да ви помогне при осип кај бебињата!
Овој осип се јавува во облик на мали и ситни мозолчиња, понекогаш и пликови на кожата, а настанува како резултат на прекумерна жештина. Се јавува најчесто на деловите од телото каде има превои како колена, лакти, препони и врат и места каде што облеката е припиена за телото како гради, стомак и газе. Доколку бебето носи капа за време на летните денови, голема е веројатноста да се појави и на главчето и челото.

Што предизвикува осип?
Телото на бебето, исто како и кај возрасните лица, се поти за да се разлади. Доколку дојде до преголемо потење, се затвораат порите на кожата и остатокот на пот не може да избие на површината и како резултат на тоа настанува осип. Оваа појава кај децата е многу почеста бидејќи нивните пори се помали отколку кај возрасните. Топлото и влажно време е мошне погодно за појава на осип, но многу често се појавува и во зима доколку бебето е облечено во премногу слоеви алишта или ако има покачена температура.
Што може да ви помогне при појава на осип?
Прво што треба да направите е да го раскомотите бебето, да ги соблечете сите слоеви на облека кои се непотребни и да го преместите во затемнета и ладна соба каде нема директен допир на сончева светлина. Можете да го ставите да лежи врз памучна крпа која ќе го впива вишокот на пот, а на местата каде веќе се појавил осипот да менувате влажни облоги.
Направете купка со сода бикарбона
Од голема помош може да биде и да го искапете бебето во млака купка во која сте раствориле малку сода бикарбона. Се препорачува да растворите околу 2 лажички на 3 литри вода. Откако ќе го искапете, новороденчето не треба да го пребришувате со сува крпа, туку оставете го да се исуши на воздух и не го премачкувајте со никакви кремови и масла за хидратација на кожата.
Просторијата во која престојува бебето треба да има пријатна температура
За да се избегне прекумерното потење на бебето, во собата ставете вентилатор, но свртете го така што нема да дува директно во креветчето на бебето или пак наместете клима, само не во истата просторија во која спие. На бебето треба да му биде пријатно, но не и ладно.
Редовно сечете ги ноктите на бебето
Редовно сечете ги ноктите на бебето за да не може да се чеша, бидејќи осипот најчесто чеша, а по потреба за спиење може да му ставите ракавички за бебиња.
Ви предлагаме да прочитате: Што да направите ако бебето има констипација (запек)?