замрзнување на јагоди

Како правилно да замрзнете јагоди?

Ако ги обожавате јагодите и во зимскиот период, а често приготвувате различни десерти или смуди, наместо да купувате замрзнати кои имаат висока цена, сега може да си набавите поголеми количини и да ги замрзнете. Ви претставуваме едноставен начин за замрзнување на јагоди, кои имаат многу подобар вкус во споредба со тие кои што може да ги купите во маркетите.    

Потребни ви се свежи јагоди, тава, цедилка, херметички ќеси за замрзнување или пластични садови со капак.

замрзнување на јагоди

Чекори за замрзнување на јагоди

Најважно при замрзнувањето е да изберете најсвежи јагоди кои имаат убава боја. Доколку ги одгледувате во вашата градина, најдобро е да ги соберете рано наутро. При собирањето на јагоди кои планирате да ги замрзните, изберете ги оние кои не се презреани. Најдобро е веднаш по собирањето да ги замрзните или пак доколку не сте во можност чувајте ги во ладилник.

  1. Јагодите добро измијте ги во ладна вода, а потоа отстранете ги оние кои се смачкани или се меки. За да го направите ова, најдобро е во големо тенџере да ставите вода и да ги додадете јагодите. Потоа, нежно со прстите на рацете поминете низ јагодите, така што ќе почувствувате кои од нив се меки.
  2. Измиените јагоди ставете ги во цеделика и отстранете колку што е можно повеќе од водата. Во цедликата оставете ги да стојат за време од 10 минути. Откако јагодите ќе се исцедат, извадете ги зелените ливчиња.
  3. Во тава ставете хартија за печење и врз неа наредете ги јагодите, така што ќе оставите доволно простор помеѓу нив. Тавата ставете ја во замрзнувач и оставете ги јагодите додека се замрзнат.
  4. Потоа, замрзнатите јагоди ставете ги во херметички ќеси или пластични садови, отстранете колку што е можно повеќе воздух и чувајте ги во замрзнувачот за време од 6 месеци. На овој начин, замрзнатите јагоди ќе го зачуваат квалитетот и препознатливиот вкус.

А доколку сакате да направите слатко, мармалад, џем, компот или сок од јагоди, имаме супер рецепти без конзерванси.

Ви предлагаме да прочитате: Домашно слатко од јагоди.

Сподели: