Убавата златно-жолта боја, несекојдневниот вкус и арома, богатството на хранливи состојки кои се поволни за здравјето се добар мотив да јадеме јапонски јаболка кои во светски рамки се познати како „храна за боговите“.
Но, понекогаш изборот на зрели јапонски јаболка, начинот на сечење и лупење претставува проблем на многумина. Сигурно барем еднаш сте пробале јапонско јаболко кое не е доволно зрело и при каснување, сте почувствувале горчлив вкус во устата. Или при лупење на зрело јапонско јаболко, истото ви се распаднало во рацете? Затоа, ги припремивме следните едноставни, но многу корисни совети, кои ќе ве поттикнат почесто да консумирате јапонски јаболка.
Прво што треба да се знае е дека постојат два типови на јапонски јаболка. Едниот тип се слатки јаболка познати како Fuyu, а другиот тип кои се познати како Hachiya, додека не се потполно зрели имаат горчлив вкус. Јапонските јаболка кои се помали и имаат поизразена овална форма имаат сладок вкус. За разлика од нив, јапонските јаболка кои се поголеми, имаат топчеста форма, мора да се добро зрели за да може да уживате во нивниот вкус.
Како да препознаете кога сочните јапонски јаболка се зрели?
За да може да утврдите кога јапонските јаболка познати Hachiya се најдобри за јадење, а најчесто ги среќаваме на пазарите, нежно притиснете ги. Штом се цврсти, тоа кажува дека им е потребно време за да узреат. За да може најбрзо да узреат поставете ги на прозорецот во кујната или на друго место каде што ќе бидат изложени на сонце. За неколку денови ќе забележите дека јаболката омекнале и се добри за јадење.
Зрелите и омекнати јапонски јаболка, хоризонтално пресечете ги на половина. Со помош на лажица, по краевите внимателно одвојте го средишниот дел на јаболкото.
За разлика од нив, слатките јапонски јаболка познати како Fuyu, кои имаат овална форма се зрели кога се цврсти. Тие може да се јадат како ужина, во салати, со месо, пилешко или риба. Најпрво, со помош на нож отсечете го горниот и долниот дел на јаболкото. Потоа, кората излупете ја. Јапонското јаболко исечете го на кругови, полукругови или коцки по желба.
Сигурни сме дека сега знаете да изберете зрели јапонски јаболка, да ги исечете и уживате во нивниот вкус!