Овие чоколадни колачи со путер од кикиритки се совршени за детски родендени, но и за сите домашни слави и прослави. Всушност не ни мора да има некој повод за да ги подготвите. Тие се толку слатки и неодоливо симпатични што ќе ги освојат сите на прв поглед. Ни доаѓаат од кујната на Лана, што е уште еден доказ за нивниот беспрекорен вкус.
Слатко чоколадно уживање во комбинација со вкусен фил од кикиритки. Лесни се и брзи за правење, па вреди да ги пробате во прва прилика и да ги воодушевите сите со превкусен чоколаден десерт. Па, кој е за неодоливо слатки колачи со путер од кикиритки?

Состојки:
- 500 г ситно несолено сирење (изварка, урда)
- 100 г шеќер во прав
- 150 г путер од кикиритки
- 100 мл слатка павлака
- 2 жолчки
- 1 ванилин шеќер.
За глазура:
- 150 г чоколадо за готвење
- 1-3 лажици масло
- сечкани кикиритки за декорација.
Подготовка:
- Во сад изматете ги сирењето и шеќерот во прав, па додајте ги ванилиниот шеќер, путерот од кикиритки, слатката павлака и на крај жолчките.
- Вака подготвената смеса ставете ја во мал четириаголен калап обложен со хартија за печење.
- Печете во претходно загреана рерна на 180 степени околу 40 до 60 минути.
- Потоа исклучете ја рерната и оставете го колачот да се излади во неа.
- Печениот колач исечете го на коцки со посакуваната големина. На секоја коцка ставете по едно стапче.
- Секое колаче потопете го во чоколадната глазура.
- Пред да се исуши глазурата, колачињата поросете ги со сечкани кикиритки.
Совет плус: Доколку овие колачиња ги подготвувате за детски роденден, може секое да го завиткате во украсна хартија и да го декорирате со панделка. На тој начин ќе имате супер подарок за секое дете кое присуствува на роденденот.
Ви препорачуваме да прочитате: Посен чоколаден намаз со путер од кикиритки за 5 минути.