Може да се каже дека нашето македонско поднебје е „преплавено“ од компир и нашиот народ го употребува многу често во исхраната во безброј главни јадења, предјадења, во печива, разни салати, па дури и десерти зависно од останатите состојки и креативноста на готвачите. Често се употребува и за лековити намени. Со оглед на популарноста важно е да знаеме за него многу повеќе од она што може да се види и да се вкуси, па да прочитаме.
Историско потекло и факти за компирот
Поради хранливите материи кои ги содржи и лековитите својства, компирот (на лат. Solanum tuberosum) се користи за исхрана на луѓето, но исто така и на домашните животни скоро во сите земји од светот. Компирот потекнува од Јужна Америка, а во Европа е донесен во 16-тиот век и денес се одгледува во многу краеви, и е е повеќе годишно зелјесто растение, со различна големина на плодот. Во светот постојат повеќе од 1500 сорти на компири кои настанале со вкрстување и прилагодување на разните поднебја. Кај нас најпознати се: јерла, клеопатра, атлантик, брајт, фијана, дезире, адора, лизета и кондор. Компирот е сезонски зеленчук (лето-есен) кој успева на рамничарски, но и планински предели и во исхраната се користи постојано бидејќи е едноставен за складирање и обработка.
Краток опис за хранлив состав на компир
Компирот содржи релативно малку калории и голем број на хранливи материи и лековити состојки како што се:
- Белковини
- Несварливи материи кои обезбедуваат енергија
- Бакар
- Бета-каротен
- Растителни влакна
- Растителни масти
- Винска киселина
- Витамин А
- Витамин Б1, Б2 и Б6
- Витамин Ц
- Железо
- Декстрин
- Лимонска киселина
- Калциум
- Калиум
- Магнезиум
- Манган
- Молибден
- Ниацин
- Никотинска киселина
- Скроб
- Јаглени хидрати
- Флавоноиди
- Фосфор
- Цинк.

Употреба и дејство на компирот во организмот
Компирот во исхраната се користи варен, печен, како пире или пржен. Како додаток во разни јадења со зеленчук и месо, компирот е скоро незаменлива намирница. Најздрав е варениот или обарениот компир, а најпопуларен е пржениот компир – помфрит, кој воедно е и „најнездрав“ заради присуството на маснотии и заради термичкиот третман на висока температура. Облогите од компири се стар народен лек против главоболка или висока температура. Исто така, против херпес, отворени рани, испукана кожа, чиреви, акни и некои други кожни заболувања, се препорачуваат облоги натопени со сок од компир.
Компирот во себе содржи доста лековити материи, така што поволно влијае против следните болести и тегоби:
- акни
- алергија
- анемија
- анксиозност
- артритис
- болести на срцето и крвните садови
- главоболка
- дерматитис
- депресија
- диетална исхрана
- екземи
- кожни болести
- лекување на испукана кожа
- несоница
- некои видови на рак
- отворени рани
- вирусни инфекции
- ПМС
- регулирање на крвниот притисок
- регулирање на прекумерна тежина
- регулирање на варењето на храната
- чешање
- стрес
- бременост
- херпес
- чиреви и бубулици
- шлог.
Компирот заради својата пристапна цена се одгледува и се користи во исхраната во голема мера и количини и тоа во сите земји од светот, а исто така придонесува кон зачувување на здравјето. Има голем број на диети кои се темелат на јадења базирани на компир или јадења во кои основна состојка е компирот. Кога станува збор за консумација од лица кои се дијабетичари, не се препорачува преголема зачестеност во исхраната.