Рафинираниот шеќер денес е присутен во поголемиот дел од производите кои се продаваат по маркетите. Токму тие производи се често дел од нашата исхрана. Па, така свесно или несвесно внесуваме бел шеќер. Чоколадата, тортите и колачите содржат голема количина на шеќер, а нив ги консумираме свесно, знаејќи дека не се здрави. Па, зошто да не се обидете да се откажете од шеќерот на неколку недели, односно да пробате шеќерна детоксикација. Еве неколку совети како полесно да го исфрлите шеќерот од исхраната.
Белиот шеќер не е нутритивно богата храна, односно не содржи хранливи материи. Единствено што му дава на организмот се празни калории. Дури и може да се нарече антинутриент затоа што од организмот ги извлекува минералите за негова лична дигестија.

Како шеќерот делува на организмот?
Шеќерот има негативно влијание врз телото така што:
- ги зголемува триглицеридите во крвта
- го оптеретува црниот дроб
- може да доведе до отпорност на хормонот лептин
- предизвикува дебелина
- создава зависност
- доведува до појава на дијабетес, хипертензија и хронични болести
- нагло ја зголемува енергијата и нагло доведува до нејзин пад
Како да ја направите шеќерната детоксикација?
Само следете ги и придржувајте се до следните совети:
Исчистете ја кујната од сите намирници кои содржат рафиниран шеќер
Прв чекор во шеќерната детоксикација е празнење на полиците во кујната и фрижидерот од производите кои содржат шеќер: слатки, колачи, сладолед, дресинг за салата, купечки доматен сос, кечап, овошје од конзерва, газирани пијалоци, густи сокови… Освен белиот шеќер како засладувач, важно е и да ги исклучите и вештачките засладувачи затоа што се штетни за здравјето и доведуваат до појава на разни болести. Пред секое купување, внимателно читајте ги состојките наведени на пакувањето.
Наполнете ја кујната со свежо овошје и зеленчук и гответе сами
Откако ја елиминиравте сета пакувана храна, време е да ја збогатите кујната со здрави намирници. Набавете свежо, органско и сезонско овошје и зеленчук. Пожелно е да готвите сами што почесто како би имале целосна контрола врз тоа што консумирате. Природните шеќери од овошјето и зеленчукот се корисни за здравјето, особено затоа што одат во комбинација со витамини, минерали и растителни влакна.
Зголемете го внесот на растителни влакна и вода
Интегралните житарици, јаткастото овошје, семињата и мешунките придонесуваат за зголемување на чувството на ситост и на тој начин ја намалуваат потребата за внес на благи јадења. Зголемете го внесот на храна богата со вода и растителни влакна, како цитрусно овошје, диња, лубеница, бобичесто овошје и слично. Важна е и хидратацијата, затоа внесувајте што повеќе вода. Во исхраната вклучете леќа, грав, грашок, боранија, леблебија, авокадо, брокула…
Започнете со постепено намалување на внесот на шеќер
Шеќерна детоксикација може да правите со постепено одрекување или одрекување од бел шеќер во еден ден. Доколку решите тоа да го правите постапно, рафинираниот шеќер заменете го со природни засладувачи како мед, јаворов сируп, кокосов шеќер или стевиа кои ќе ги консумирате во мали количини. Потоа елиминирајте ги и нив. Доколку наеднаш се откажете, не консумирајте ниту природни засладувачи. Кога ќе заврши детоксикацијата, може да продолжите со консумирање на природните засладувачи бидејќи се многу поздрави од белиот шеќер.
Времетраење и придобивки од детоксикацијата
Шеќерната детоксикација може да трае од две недели до еден месец. После тој период организмот се навикнува на природните шеќери и се губи желбата за бел шеќер. За целосна детоксикација издржете барем 21 ден. Детоксикацијата има голем број придобивки, меѓу кои:
- младолик изглед на кожата
- исчезнување на акните
- здрави и убави заби
- намалување на телесната маса
- подобар сон
- подобрени ментални способности
- значително се намалува ризикот од дијабетес и други болести
- повеќе енергија и виталност
- подобро варење на храната
Првите неколку дена од почетокот на детоксикацијата може да чувствувате главоболка, грчеви, замор, надуеност и слично. Бидете упорни и не се откажувајте, телото ќе се навикне, а проблемите ќе исчезнат за неколку дена. Шеќерот создава зависнот и во почетокот е нормално вашето тело да бара благо, но бидете истрајни.
Ви препорачуваме да прочитате: Кое годишно време е најдобро за детоксикација на организмот?