Фолната киселина многу често се препорачува (во форма на суплементи) кај трудниците, а ова е последица на резултатите од студиите и истражувањата кои покажале дека доволниот внес на фолна киселина е поврзан со помалку дефекти на невралната туба (од неа подоцна се формираат черепниот и ’рбетниот мозок) кај новороденчињата.
Ова не е единствена примена и функција на фолната киселина, на пример Б9 суплементи се даваат и кај некои анемични состојби предизвикани токму од недостатокот на фолната киселина. Ако сакате да дознаете повеќе за овој витамин, прочитајте го следниот текст.
Што претставува фолната киселина?
Фолната киселина е хидросолубилен витамин (растворлив во вода), кој е дел од Б-комплексот на витамини.

Кои се функциите на фолната киселина во нашиот организам?
Фолната киселина:
- Е вклучена во претворањето на јаглехидратите во енергија и во правилното искористување на мастите и протеините
- Има многу голема улога во правилна функција на мозокот, во одржување на менталното и емоционалното здравје
- Помага во продукцијата на ДНA и РНA и особено е важна при растот на ткивата и органите (што е најмногу изразено во детството, бременоста, адолесценцијата)
- Заедно со витаминот Б-12 се вклучени во продукција на црвени крвни клетки
- Заедно со витамините Б-6, Б-12 и некои други нутриенти го регулираат нивото на аминокиселината хомоцистеин во крвта (чие високо ниво е поврзано со поголем ризик од кардиоваскуларни заболувања).
Која храна е богата со фолна киселина?
Намирници богати со фолна киселина се: темно зелен листест зеленчук, аспарагус, брокула, цитрусни овошја (лимон, портокал, грејпфрут, цитрон), грав, грашок и леќа, авокадо, бамја, прокељ, сончоглед, кикирики, бадеми, ленено семе, карфиол, цвекло, пченка, морков, тиква.
Колку фолна киселина ни е потребно дневно?
- Новороденчиња 0-6 месеци – 65 микрограми на ден
- Новороденчиња 7-12 месеци – 80 микрограми на ден
- Деца 1-3 години – 150 микрограми на ден
- Деца 4-8 години – 200 микрограми на ден
- Деца 9-13 години – 300 микрограми на ден
- Момчиња и девојчиња над 14 години – 400 микрограми на ден
- Трудници – 600 микрограми на ден
- Доилки – 500 микрограми на ден.
Автор: Маја Велковска.
Ви препорачуваме да прочитате: 6 витамини кои се борат против стареење.