И печените крилца се подеднакво вкусни како и пржените! – Сте знаеле ли дека може да направите вкусни и крцкави крилца и во рерна? – На тој начин тие имаат крцкава кора, а внатре се вкусни и сочни. Може да ги послужите како мезе со доматен сос, кечап или сос за скара додека гледате некој спортски натпревар или филм со вашите пријатели.
Брзо, вкусно и неодоливо. За неполн час може да подготвите вистинско гурманско уживање за вас и за вашето семејство, повкусно и поздраво од во ресторан. Рецепт кој вреди да се проба уште во првата прилика!

Состојки:
- 2 кг пилешки крилца
- 100 г брашно
- ½ ќесичка прашок за печиво
- 1 лажица мешан сув зачин
- 2 лажици мелен црвен пипер (по желба може и лут)
- 1 мала лажичка сол
- ½ мала лажичка лук во прав
- ладно цедено сончогледово масло по потреба.
Подготовка:
- Во длабок сад промешајте ги брашното, прашокот за печиво и зачините.
- Крилцата наредете ги врз кујнска хартија за да се потсушат.
- Потоа, малку намрсете ги со ладно цедено сончогледово масло, посолете ги и на крај нанесете врз нив од претходно направената смеса од брашно и зачини.
- Вака припремени, крилцата наредете ги врз плех обложен со хартија за печење.
- Печете ги во загреана рерна на 200 степени, околу 30 минути од едната страна, па завртете ги и печете ги уште дополнителни 10-15 минути од другата страна.
- Послужете ги со сос по ваша желба. На здравје!
Ви препорачуваме да прочитате: Фритата со тиквички и спанаќ.