Ние од sezahrana.mk ја почитуваме традиционалната кујна, а често пати сакаме да внесуваме и некои од поновите модерни трендови во храната. Така дојдовме на идеја, да пробаме да направиме ајвар со ладно цедено сончогледово масло. Вкусот е многу сличен на традиционалниот и баш е сладок со топол леб и сирење.
Интересно и супер за целото семејство, пробајте!

Состојки:
- 15 кг црвени пиперки за ајвар
- 750 мл ладно цедено сончогледово масло од Фила
- сол по вкус.
Подготовка:
- Најпрво измијте ги пиперките, а потоа отстранете им ги дршките и семките.
- Потоа, убаво испечете ги на средно силен оган. Додека завршите со печење складирајте ги во затворен сад со капак за потоа полесно да се лупат.
- Започнете со лупење од првите пиперки кои сте ги испекле. При тоа трудете се да оставате што помалку црни лушпи и да ги дочистите преостанатите семки. Тоа ќе му овозможи што подобар квалитет на ајварот.
- Лупените пиперки оставете ги да се цедат неколку, или најдобро 12 часа, а потоа измелете ги со помош на машина. За време на цедењето, пиперките не смеат да стојат на топло.
- Измелените пиперки ставете ги во големо тенџере на оган и околу 15-20 минути пржете ги само нив со повремено промешување.
- Потоа додајте го ладно цеденото сончогледово масло од Фила и пржете на умерено силен оган. Континуирано мешајте со голема дрвена лажица. За време на пржењето додавајте сол по вкус.
- Ајварот пржете го за време од 2 часа или додека забележите дека се „лепи“ на дрвената лажица и не паѓа веднаш кога ќе ја поткренете, а на дното на тенџерето се појавува трага при мешањето. Тогаш е готов.
- Готовиот ајвар ставете го во чисти стерилизирани тегли и затворете ги веднаш со капаци. Полните тегли со ајвар ставете ги во загреана рерна на 100 степени околу 10-15 минути, а потоа оставете ги да се изладат постапно во неа. На здравје!

Ви предлагаме да прочитате: Домашен пикантен кечап без конзерванси.
Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.
*Спонзориран рецепт.