Ги бараме најголемите гурмани и љубители на нови вкусови и рецепти! Затоа што за нив имаме нов кулинарски предизвик, а тоа е оваа убава и вкусна медена интегрална пита со ореви и суви кајсии.
Рецептот и прекрасната фотографија се дело на Катерина, на која и се заблагодаруваме што несебично ги споделува фантастичните рецепти со сите нас. Овој пат таа ни ја предлага комбинацијата на мед, ореви и суви кајсии која верувајте дека ќе го освои и вашиот вкус.
Состојки:
- 170 г пченично брашно
- 170 г интегрално брашно
- 10 г прашок за печиво
- 110 г шеќер
- 1 ќесичка ванилин шеќер
- 115 мл масло
- 2 јајца
- прстофат сол.
За фил:
- 230 г ореви
- 200 г мед
- 120 г суви кајсии.
За премачкување:
- 2 полни лажици мед.
Подготовка:
- Во длабок сад измешајте ги двата вида брашна, прашокот за печивото, ванилата, шеќерот и малку сол. Додајте го маслото и јајцата и замесете тесто.
- Оставете го тестото малку да отстои (10-тина минути), а потоа поделете го на 2 дела.
- Меѓу два листа хартија за печење расукајте го во кора едниот дел од тестото. Со помош на хартијата префрлете ја кората во кружен калап.
- Измешајте ги оревите со медот и ставете ги врз кората. Одозгора нанесете ги сувите кајсии исечкани на помали парчиња. Врз кајсиите изрендајте го остатокот од тесто.
- Ставете ја питата да се пече во загреана рерна на 180 степени, за време од 30-35 минути.
- Во сад ставете 2 полни лажици мед. Ставете го медот малку да се растопи (загрее) и со него премачкајте ја испечената кратко изладена пита. Штом питата се излади, послужете ја. На здравје!
- Вкусот на оваа интегрална пита со ореви и суви кајсии е фантастичен, топло ви ја препорачувам.
Рецептот го испратил: Катерина Милошевска Глигороска.
Ви предлагаме да прочитате: Колач со крем фил од ореви.