украсни велигденски зајачиња од конец за плетење 1

Направете лесно украсни велигденски зајачиња од конец за плетење

Малите деца особено им се радуваат на празниците, а меѓу нивните омилени празници, секако е Велигден. За да биде празничната радост уште поголема дозволете им на децата да ви се приклучат во украсувањето и декорирањето на Велигденските јајца, корпички  и украси. Заедно со малите вредни рачиња може да направите навистина интересни и креативни декорации. Па, денес ќе ви покажеме како да си направите неодоливи велигденски зајачиња од конец за плетење.

Иако на прв поглед постапката за изработка на овие преслатки зајачиња од конец за плетење изгледа посложена, навистина е едноставна, што може да видите и сами од подолу прикажаното видео.  На вас останува само да ги следите инструкциите и да го разубавите вашиот дом со неодоливите малечки велигденски зајачиња.

Потребни материјали:

  • конец за плетење во бела или беж боја
  • картон со должина од 20 см и ширина од 5 см
  • материјал во кафеава, бела, розева и црна боја
  • силиконски пиштол
  • 3 мониста
  • парче жила

Начин на изработка:

  1. Најпрво подгответе го картонот со чија помош ќе го обликувате конецот за плетење во пуфкасти топчиња. Превиткајте го на половина и засечете го на средина, но не до крај.
  2. Потоа започнете со правење на топчињата од конец за плетење. Треба да изработите 5 пуфкасти топчиња и тоа едно најголемо со дијаметар од 7 см, едно помало со големина од 5 см, две со дијаметар од 3 см и едно со дијаметар  3, 5 см.
  3. Конецот најпрво провнете го во засекот на картонот, а потоа мотајте го околу него, се додека не намотате онолку конец колку што ви е потребен за да добиете топче со соодветна големина за главата на зајчето.
  4. Потоа преку засекот провнете од конецот и отстранете го картонот, а конецот подврзете го во облик на панделка. Вака добиената панделка преполовете ја со помош на ножици, а конецот разредете го со цел да добиете пуфкасто топче.
  5. Со помош на ножици, израмнете ја големината на конецот додека не добиете совршено топчеста пуфка.
  6. Повторете ја постапката за да го направите и телото на зајачето, но овој пат намотајте поголема количина на конец за да добиете поголемо пуфкасто топче.
  7. Двете топчиња од конец за плетење спојте ги така што ќе ги зашиете меѓу себе. Може и да ги залепете со силиконски пиштол, но доколку ги зашиете зајачето ќе биде поцврсто.
  8. Потоа изработете уште 3 помали топчиња од конец, така што едното од нив да биде со спротивна боја од останатиот конец од кој го изработувавте целиот зајак. На пример, ако зајакот е бел, тоа топче направете го сиво и обратно.
  9. Топчето со различна боја залепете го како опавче на зајачето, додека останатите две најмали топчиња како ноџиња.
  10. Изработете ги ушите на зајакот, така што ќе исечите материјал со кафеава боја во облик на зајачки уши. Потоа исечете парчиња од бел материјал во ист облик, но со памала димензија. Белиот материјал залепете го со помош на силиконски пиштол врз кфеавиот материјал. Па, вака оформените ушиња залепете ги на главата од зајачето.
  11. На крај изработете ги очињата, носето и мустаќите на зајачето. Во парче црн материјал завиткајте 2 мониста и цврсто подврзете ги со конец. Вишокот на материјал отсечете го. Вака изработените очиња залепете ги на главата од зајачето.
  12. Парчето жива превиткајте го неколку пати и на средина подврзете го во облик на мустаќи од зајаче.
  13. Со помош на истатата постапка како и очите направете го и носето, но со таа разлика што на него ќе ги подврзите и мустаќите на зајачето изработени од жила.

И тоа е тоа, вашето велигденсо зајаче е спремно да ви го краси домот и да ги радува најмалите!

Ви препорачуваме да прочитате: Направи сам: Mала велигденска кошничка.

Сподели: