Некои од нас сигурно си направија сушено овошје, а дел од нас купуваат или пак ќе прават. За да може да му го продолжите рокот на сушеното овошје, ви подготвиме неколку совети кои вреди да ги знаете. Во продолжение на текстот прочитајте ги најдобрите начини за чување на сушеното овошје.
Во текот на летото и есента, најчесто се прави сушено овошје кое се користи во зимата за компоти и топли колачиња. Денес за среќа постојат и специјални дехидрататори за сушење на овошје, а некои успешно ја користат и рерната за истата намена.
Може ќе ве интересира: Направете суво овошје во рерна.
Бидејќи претходно пишувавме како може да направите сушено овошје дома, денес ќе ви ги претставиме најдобрите начини на чување. Можеби ви се случило сушеното овошје да фати мувла, а со тоа маката и парите кои се потрошени, пропаѓаат залудно. Но, доколку ги применете овие совети и го чувате сушеното овошје на најдобар начин ви гарантираме успех!

Рок на траење на сушеното овошје
Сувото овошје е многу здраво и е вистински извор на енергија во зимските денови. Изобилува со растителни влакна, а не содржи масти. Со тоа што водата е сведена на минимум, автоматски е продолжен рокот на чување. Доколку овошјето е добро исушено и правилно складирано, истото може да трае и повеќе од една година.
Сувото грозје, брусниците, вишните, мангото, кајсиите, сливите и урмите може да траат и до 12 месеци во шпајзот, а 1 до 2 години доколку се чуваат во фрижидерот. Доколку ги замрзнете може да ги чувате и подолго време. Но, за тоа да биде така потребно е да се придржувате до некои правила за време на сушењето и складирањето на овошјето.
Насоки за чување на сушеното овошје
- Не пакувајте го и не складирајте го овошјето додека не бидете сигурни дека е исушено во целост.
- По сушењето пригответе го за пред финално складирање. Овошјето ставете го во тегли без да го стегате. Оставете ги отворени теглите за време од 7 до 10 дена, а секој ден малку протресете го овошјето. Ако забележите дека во теглите има влага, тоа значи дека овошјето не е добро исушено и истото мора да го вратите во рерна или дехидрататор.
- По 10 дена, овошјето чувајте го во добро затворени садови или кесички за замрзнување, на суво, ладно и мрачно место.
- Ако користите кесички за замрзнување добро ќе биде истите да имаат зип затворач и да го истиснете цел воздух пред да ги затворите.
- На овошјето кое се суши во големи количини, вообичаено се нанесува сулфур диоксид. Оваа постапка се користи во преработувачката индустија. Ова е важно да го знаете за да го избегнувате овошјето третирано на овој начин. А ако веќе купувате сушено овошје, чувајте го во пластични садови.
- Најидеална температура за чување на сушеното овошје е 15 степени.
Ви предлагаме да прочитате: Направете суво овошје во рерна.