Катерина ни кажа „Идејава за рецептов ми дојде спонтано, ама вистински ја красеше трпезата.“ Кога ја погледнавме фотографијата од непечениот солен ролат кој ни го припреми таа, се уверивме дека е така, затоа предлагаме, да го пробаме сите!
Состојки:
- 210 гр млечен леб
- 80 гр обарен спанаќ
- 6 лажички пармезан
- 2-3 лажици мајонез
- 6 парчиња тост кашкавал.
Фил:
- 80 гр артичоки од тегла (во замена може да ставите кисели краставички)
- 3 суви домати во масло
- 125 гр крем сирење
- 1/2 лажичка копар
- 3 лажици пармезан
- по потреба сол.
За премачкување:
- 120 гр крем сирење.

Подготовка:
- Најпрво направете го филот. Артичоките и сувите домати исечете ги на мали парчиња. Додајте го пармезанот, крем сирењето, копарот, малку посолете и убаво измешајте.
- Калапот за векна обложете го со парчиња од леб, претходно премачкани со мајонез. На дното врз лебот ставете од обарениот спанаќ кој треба да е ситно исечкан. Врз спанаќот посипете го 3 лажички пармезан.
- Земете парчиња од лебот исечен на квадрати и внимателно со помош на сукало истенчете го. Премачкајте ги со филот и завиткајте во ролат. Секој ролат обвиткајте го со парчиња тост кашкавал и наредете ги во калапот.
- Од горе нанесете го преостанатиот спанаќ и поросете 3 лажички пармезан, па затворете со парче леб премачкано со мајонез.
Завиткајте го калапот со најлонска фолија и оставете го во фрижидер неколку часа, а може да се остави да стои и преку ноќ. - Пред сервирање премачкајте го со крем сирење и украсете по желба.
Рецептот го испратил: Катерина Милошеска Глигоровска