Новогодишни капи – колачи

Не веруваме дека има некој кој не би сакал да ги проба овие интересни колачи. Не секој ден имаме можност да јадеме вака убави и вкусни новогодишни капи, па да ја искористиме празничната магија пријатели и да им се изнауживаме! 

Новогодишни капи - колачи

Состојки:

  • 200 гр мелени ореви
  • 200 гр мелени бисквити
  • 200 гр шеќер во прав
  • 120 гр маргарин
  • 100 гр гел прелив од шумско овошје (или некој друг со црвена боја)
  • 1/2 сок од 1 лимон
  • малку црвена боја

За украсување:

  • стопено бело чоколадо
  • малку кокос
  • фондан маса за белите топчиња.

Подготовка:

  1. Од наведените состојки направете компактна смеса.
  2. Oд неа формирајте топчиња со големина на орев или помалку доколку сакате и помали, а потоа обликувајте ги конусно за да наликуваат на новогодишни капи.
  3. Оставете ги на ладно место за убаво да се стегнат, но тоа да не биде во фрижидер.
  4. Стопете го чоколадото и секоја капа ставете ја во него со долниот широк дел и веднаш намакајте ја во кокос.
  5. Од неколку локуми и шеќер во прав направете фондан маса од која ќе обликувате ситни топчиња за врвовите на капите, но не заборавајте и нив претходно да ги намакате во кокос.

Предлог плус: Гел преливот од шумско овошје можете да го замените со убав црвен и добро желиран мармалад за него.

Засладете се со нашите прекрасни и вкусни новогодишни капи. Ви посакуваме да имате весели празници и успешна година во сите полиња!

Сподели: