Деновиве компанијата Млекара Здравје Радово го промовираше новиот функционален јогурт Здравје +. Одговорните лица од компанијата истакнаа дека овој производ е наменет за сите оние кои внимаваат на себе и на своето здравје.
„За деновите кога виталноста значи сѐ, кога е потребна енергија плус, и кога хармонијата е движечка сила која носи здравје. Новиот функционален јогурт Здравје + го раздвижува дигестивниот систем, создавајќи рамнотежа во организмот на нашите консументи – со овие пораки го доближуваме новиот производ до нашите верни потрошувачи“, изјави директорот, Панделе Панделески.
„Одговорноста кон потрошувачите е огромна, затоа ќе продолжиме да инвестираме во здравјето на нашите потрошувачи. Здравје + е функционален високо квалитетен јогурт каков што заслужуваат нашите консументи. Само најдоброто и ништо помалку“, истакна маркетинг директорката, Милка Исјановска.
На одржаната прес – конференција беше најавено дека до крајот на годинава ќе се отвори нова фабрика во Битола.
„Здравје Радово“ ја отвори првата млекарница во 2002 година во селото Радово меѓу планините Огражден и Беласица, вториот погон стартуваше во 2004-та по преземањето на ЗИК „Куманово“, а третиот капацитет во Струмица е од 2011 година. Од почетните осум, бројот на вработени денес е над 340, додека почетниот капацитет на дневната обработка на млеко беше 2.500 литри, а денес е зголемен на над 100.000.