Бидете уникатни и креативни! Пренесете ги спомените од вашиот летен одмор и направете супер подароци за пријателите и роднините, но и декорации кои ќе го разубават домот. За време на одморот сигурно купувате слични сувенири кои обично во туристичките места не се ни малку евтини. А ова лето направете нешто поинакво и несекојдневно. Со малку креативност и неколку мали ситници кои сте ги собрале на плажа, поклонете им „море во тегла“ на вашите блиски.
Како да направите сувенир „море во тегла“?
Постапката за изработката на овој сувенир е многу лесна и забавна и истата е прикажана и на следново видео. Но, ова е само еден предлог како може да изгледа овој подарок. Вклучете ја вашата креативност и теглата наполнете ја со сите спомени и најубави моменти од вашето летување. Оние кои што ќе го добијат овој несекојдневен и генијален подарок сигурно ќе бидат воодушевени.
Потребни материјали:
- декоративна тегла
- песок од плажа
- камчиња, школки, морски ѕвезди, полжавчиња и слични декоративни предмети кои може да се соберат на плажа
- конопен конец
- ваши слики или разгледници
- сина хартија исечена во облик на бран по желба
- лепило
- ножици
- картичка со порака.
Начин на изработка:
- Земете тегла и нејзиното дно наполнете го со ситен песок од плажата.
- Врз песокот закачете ваши слики или од вашите деца. По желба, може да ставите слики и од некој убав морски пејзаж од местото во кое сте престојувале или разгледница.
- Од сина хартија со помош на ножици исечете парче хартија во облик на бран и прикачете го во песокот. По желба, може да направите и некои други форми, а може и да го изоставите овој детаљ. Целиот изглед на теглата обликувајте го според вашиот вкус и преференции.
- На крај, ставете уште неколку мали школки, камчиња, морски ѕвезди или сѐ она што сакате да се најде во овој убав сувенир.
- Затворете ја теглата и капачето заврзете го со конопен конец. Врз капакот залепете некоја украсна школка, камче или морска ѕвезда. За конецот можете да прикачите и картичка со некоја ваша порака или датум од одморот.
Ви препорачуваме да прочитате: Направете 5 уникатни свеќници од стари тегли.