Оризот важи за една од најзастапените намирници во македонската традиционална кујна, а овој пат ќе имаме можност да го пробаме вкусно припремен и во вид на лесен оброк, т.н. задушен ориз со тиквички и кора од лимон. Одлично јадење!
Весна е голем љубител на кујната и со голема страст готви прекрасни јадења и десерти. Еве што вели таа за овој нејзин интересен специјалитет „Оризот секогаш вака го подготвувам, само сега додадов тиквички и кора од лимон. Ние го викаме задушен ориз. За ова жешко време, одличен освежителен ручек, а може да биде и како салата или прилог, како сакате. Уживајте!“

Состојки:
- 250 гр ориз (се готви во сооднос 1:3, односно 1 чаша ориз со 3 чаши вода)
- 1 морков
- 1 црвена пиперка
- 1 тиквичка
- 2 лажици магдонос
- масло по потреба
- сол и бел пипер по потреба
- 1 лажиче сушен зеленчук
- 1 кора лимон.
Подготовка:
- Најпрво подгответе ги морковот, пиперката и тиквичката на мали коцкички. Морковот и пиперката пропржете ги во малку масло.
- Оризот измијте го и додадете го во тавата со морковот и со пиперката, и кратко пропржете.
- Потоа додадете ги тиквичките и продолжете со пржењето.
- По кратко време додадете ги и сувите зачини.
- За оризот да биде убав и да се „брои“, додадете 3 чаши врела вода, па оставете да врие на средна температура околу 12 минути.
- Во последните минути, додајте го магдоносот и убаво измиена кора од лимон (која може да ја изрендате), додека оризот сеуште има вода.
- Силно протресете ја тавата, немојте да мешате. По 12 минути, тавата тргнете ја на страна и покријте ја со капак. Оризот треба да е алденте.
- Чекајте најмалку 20 минути до половина час, оризот да си ја земе водата. Сервирајте и на здравје!
Рецептот го испратил: Весна Рор, Со љубов за вас.
Ви препорачуваме да прочитате: Најдобриот рецепт за рижото со зеленчук.