Сите обожаваат топли и меки домашни лепчиња кои се топат во устата! А рецептот за овие привлечни печени лепчиња со тиквичка ни го испрати Катерина.
Таа вели: „лепчињата приготвени во тава се нешто што најмногу сакам. Ги правам скоро секогаш со различни состојки и сите ми се подеднакво вкусни, со оглед на тоа дека за било какво печиво не знам да речам не чини.“ Па, ако сте љубител на овие домашни специјалитети прочитајте го рецепт за домашни арапски лепчиња, медитерански лепчиња со сончоглед, посни лепчиња со компир и маслинки и домашни интегрални лепчиња.

Состојки:
- 350 грама брашно
- ½ коцка свеж квасец (20 грама)
- 50 грама растопен путер
- 1 лажичка сол
- ½ лажичка шеќер
- 1 мала тиквичка
- 3 лажици рикота или изварка
- 1 неполна лажичка копар
- 2 чешниња лук
- 1 лажица маслиново масло
- по потреба млака вода
- по потреба пченкарно брашно и масло.
Подготовка:
- Тиквичката изрендајте ја. Лукот ситно исечкајте го.
- Во нелеплива тава на оган, на средно висока температура ставете го маслиновото масло да се загрее. Во загреаното масло ставете ги тиквичката и лукот да се пржат. Пржете ги за време од 5 минути.
- Пропржената тиквичка ставете ја во сад и измешајте ја со рикотата и копарот.
- Во подлабок сад за месење ставете го брашното, квасецот, шеќерот, солта и растопениот путер. Додавајте млака вода и замесете меко тесто.
- Потоа во садот додајте ја смесата од тиквичка и рикота и продолжете да месите. Тестото со додавањето на оваа смеса ќе ви стане лепливо затоа по потреба додајте уште брашно.
- Откако ќе го замесите тестото поделете го на помали топчиња и со раце малку притиснете ги.
- Секое вака оформено лепче од двете страни свалкајте го во малку пченкарно брашно. Лепчињата оставете ги да отстојат 25 минути за да нараснат.
- Нараснатите лепчиња пржете ги во нелеплива тава со малку масло од двете страни додека поруменат. Печените лепчиња со тиквичка и изварка извадете ги врз кујнска хартија за да се впие вишокот на масло. Послужете ги додека се топли со јогурт и сирење. На здравје!
Рецептот го испратил: Катерина Милошевска Глигороска.
Ви предлагаме да прочитате: Домашни посни лепчиња без масло.