„Како нутриционист, обожавам здрава храна и секогаш се трудам тоа што го готвам да биде што поздраво, а сепак да им се допадне на најблиските. А уште повеќе, сакам брзи и лесни рецепти, па така овие печени плескавици од тиквички често се дел од моето мени.“ – вели Марија.
Плескавиците се супер во комбинација со интегрални домашни лепчиња. Додајте салата, домашен кечап и сенф и ќе добиете супер вкусен и здрав бургер. Одлични се како мезе за гости или за на пикник. А, посебно убаво е што се вкусни и кога се ладни.

Состојки:
- 2 тиквички со средна големина
- 1 морков (по желба може 2)
- 2 јајца
- 5 до 7 лажици пченкарно брашно
- 1/2 кесичка прашок за печиво
- 2 мали лажички ленено семе
- 2 мали лажички чиа семе
- 2 мали лажички оригано (по вкус може и повеќе)
- малку кари
- сол и црн бибер по вкус.
Подготовка:
- Тиквичките и морковот излупете ги и изрендајте ги. На изренданите тиквички и морковот ставете сол. Солта побрзо ќе ја истисне водата. Потоа ставете ги во цедилка околу 15 минути.
- Изматете ги јајцата и додајте ги во садот со исцедените тиквички и морков.
- Потоа додајте ги брашното и прашокот за печиво. Убаво измешајте.
- Додајте ги семињата и зачините, и измешајте.
- Плехот во кој ќе ги печите плескавиците обложете со го хартија за печење.
- Со супена лажица земете од смесата и ставете врз хартијата за печење. Постапката повторете ја со целата смеса. Треба да добиете 15 до 18 плескавици, зависно од големината.
- Печете во претходно загреана рерна на 180 степени околу 20 минути.
- Печените плескавици од тиквички може да си послужите со сенф и кечап или да направите вкусен сендвич. На здравје!
Автор на рецептот: Марија Апостоловска, @marija.apostolovska97.
Ви препорачуваме да прочитате: Здрава торта од моркови.