Можеби ќе речете дека овој период имаме ставено акцент на тиквата и да знаете дека сте во право. Оваа есенска кралица речиси секој трет ден се наоѓа на нашата трпеза. Ја приготвуваме на различни начини, но сепак најмногу ни се допаѓа кога е печена. Ако и вие преферирате печена тиква, овие рецепти и совети за печење на тиква во рерна ќе ви бидат од голема корист.
Кога сме кај печењето, најдобро е тиквата да ја печете во рерната од шпорет на дрва. Но, некои имаат, а некои немаат шпорет на дрва. Сепак, најголемиот дел од нас имаат електричен шпорет и така може да ја испечат тиквата. А за да го забрзате печењето, исечете ја тиквата на помали парчиња, зачинете ја со омилените зачини и препуштете се на аромата.

Наједноставен начин на печење на тиква во рерна
Исчистената тиква со помош на остар нож исечете ја на половина или на парчиња. Потоа добро избришете ја со кујнска хартија. Доколку користите поголеми тикви најдобро е да си исечете на парчиња со димензии од 3 до 6 см. Тиквата може да ја попрскате со малку масло и да ја печете во рерната додека омекне. А со комбинација на зачини можете да направите слатка, солена или лута печена тиква.
Може да ве интересира: Печена тиква во рерна.
Лута и солена тиква
Исечената тиква на мали парчиња се пече во загреана рерна на 200 степени за време од 45 минути. Ако тиквата која сте ја купиле не е блага (можете да сечете мал дел и да ја пробате), искористете ја и направете солено јадење. Парчињата тиква попрскајте ги со маслиново масло, посолете ги, зачинете ги со мелен црн пипер, рузмарин, жалфија, мајчина душица и лута пиперка. Исто така може да користите и ким.
Друг рецепт по кој што може да приготвите солена тиква е следниот. Парчињата тиква попрскајте ги со масло или путер, посолете ги и зачинете ги со мелен црн пипер и ким, па печете ја како што споменавме. Наместо ким, може да користите рузмарин.
Кога сме кај интересните рецепти за приготвување на тиква ви предлагаме да прочитате: Печена тиква со мед и фета сирење.
Обожавате пикантна храна? Има голем број на различни комбинации кои може да ги направите. Можете да користите маслиново масло, сол, црн пипер, лута пиперка и лук во прав. При печење на тиква, добро е тавата да ја обложите со алуминиумска фолија. Тоа ќе ви помогне за лесно чистење на тавата по печењето.
Блага печена тиква
Сепак, најомилена ни е слатката печена тиква. При печењето може да додадете малку масло, путер, цимет и кафеав шеќер. Особено ни е вкусна комбинацијата со мед и цимет, а по желба може да ја прелиете и со јаворов сируп. А ако имате јаткасти плодови на располагање, ќе направите топ комбинација. Измешајте ги сечаканите ореви со мед, и ставете ги врз парчињата полу печена тиква. Печете уште 15 минути.
Како приготвувате печена тиква? Имате ли некој омилен рецепт или зачин кој го користите?
Ви предлагаме да прочитате: 5 интересни начини за приготвување на тиква.