Едни од омилените колачиња во кои многумина уживаат се медените чоколадни срца. Затоа, денес ви го претставуваме еден од најдобрите рецепти за овој десерт кој го најдовме на блогот Trydiani.
Веруваме дека ако затворите очи и ги вкусите овие колачиња, ќе помислите дека јадете вистински медени чоколадни срца. Освен што се многу вкусни, одлично изгледаат, па се идеален подарок за секоја личност која ви значи во животот. Одвојте малку време, направете ги и добијте слатка насмевка од оној за кој се посветени.

Состојки:
- 1 јајце + 2 жолчки
- 1 шолја шеќер
- 1 шолја мешавина од масло и путер
- 3 лажици мед
- 2 лажички сода бикарбона
- 2 лажички цимет
- 1 лажица какао
- прстофат ѓумбир и сол
- 1 ќесичка ванилин шеќер или кора од портокал по желба
- 500 гр брашно (3 чаши бело и 1 чаша интегрално)
- 1 кафена шолја џем
- 200 гр чоколадо за глазура.
Подготовка:
- Медот, шеќерот, циметот, какаото, маслото и путерот се ставаат во сад на оган. Откако путерот ќе се растопи, садот се трга на страна, се лади смесата и се додаваат сода бикарбона, јајцето, двете жолчки и брашното.
- Се меси меко тесто, кое се остава во фрижидер за време од еден до два часа.
- Од тестото со помош на сукало се сучи кора со дебелина од околу 3 мм. Со кружен калап се сечат кругови и во средината се става околу ½ лажичка џем.
- Краевите се премачкуваат со белка, а одозгора се става уште еден круг. Потоа, со калап во форма на срце, се сечат форми кои повторно се мачкаат со белка и се стваат во тава за печење, на која има ставено хартија за печење.
- Полнетите чоколадни срца се печат во загреана рерна на 175 степени, за време од 10 минути. Потоа, тавата се вади од рерната, а колачите се оставаат да се изладат.
- Чоколадото се става во сад на пареа и се топи. Со растопеното чоколадо се глазираат медените срца и се украсуваат по желба. На здравје!
Ви предлагаме да прочитате: Чоколадни чаши со желе од малинки.