Совршено мезе за убаво друштво со пријателите! Креативната Клара и овој пат ни припреми интересен рецепт за помфрит од тиквички во комбинација со освежителен сос од краставица и кисела павлака. Поканете ги пријателите, земете чаша ладно пиво и уживајте во добрата храна и друштво!

Состојки:
- 1 поголема тиквичка
- 2 јајца
- 1 чаша лебни трошки (презла)
- ½ чаша брашно
- 1/3 чаша пармезан
- сол, црн пипер, оригано
- масло за пржење.
Сос:
- ½ краставица
- 200 мл кисела павлака
- 1-2 лажици масло
- сол и лук во прав по вкус.
Подготовка:
- Тиквичката пресечете ја на половина по должина. Потоа од секоја половина сечете долгунести ленти како за помфрит. Парчињата од тиквичка посолете ги и оставете ги да се цедат за време од 30 минути.
- Во чинија ставете ги брашното, пармезанот и додајте малку мелен црн пипер.
- Јајцата ставете ги во длабока чинија, изматете ги со вилушка и посолете ги.
- Во друга чинија ставете ги лебните трошки и додајте оригано и сол по вкус.
- Секое парче тиквичка најпрво извалкајте ја во брашното, па во јајцата и на крај во лебните трошки.
- Во нелеплива тава на оган со умерена температура ставете масло да се загрее. Во загреаното масло пржете ги тиквичките од двете страни.
- Кога се готови, пржените тиквички ставете ги врз кујнска хартија за да се впие вишокот на масло.
- Краставицата изрендајте ја. Во длабок сад ставете ја ренданата краставица, киселата павлака, маслото, посолете по вкус и додајте лук во прав. Измешајте состојки за да се добие хомогена смеса. По желба можите да додадете и некоја капка вински оцет за да го потенцира вкусот на сосот.
- Топлиот помфрит од тиквички послужете го заедно со сосот како додаток.
Рецептот го испратил: Клара Бос