Ајде да пробаме малку поинаква пита спремана во тава! Лесна е за јадење, а вкусот одличен, лесен и богат истовремено. Добро е што вака припремената посна пита во тава може да се јаде, секогаш и секаде дури и за време на пости.
Кате од срце сподели со нас нејзино размислување и рече „Сакам понекогаш да сменам и да имаме на маса нешто ново, па уште ако излезе вкусно како што беше оваа пита ептен кејф ми се прави.“ Вреди да се проба, да знаете!

Состојки:
За тесто:
- 400 гр компири
- 150 гр брашно
- 4 лажици маслиново масло
- 1 лажичка копар
- 1 лажичка сол
- 1/2 лажичка шафран
- 1/2 филџан (од 120 мл) топла вода
- малку црн пипер.
За фил:
- 1филџан (од 120 мл) соја трошки
- 1/2 страк праз
- 3 лажици соја сос
- 1 лажичка црвен пипер
- по потреба маслиново масло, сол, црн пипер
- 10 свежи шампињони
- 1 морков
- 2 кругови модар патлиџан
- 2 чешниња лук
- по потреба маслиново масло, сол.
Подготовка:
- Компирите излупете ги и ставете да се варат. Откако ќе се сварат оставете убаво да се изладат, па изрендајте ги.
- Во топлата вода ставете го шафранот да се раствори.
- Во длабок сад ставете го брашното, ренданиот компир, маслото, копарот, солта, малку црн пипер и по потреба од водата во која е растворен шафранот(ќе ви бидат потребни неколку лажици. Водата додавајте ја постепено додека замесите тесто).
- Подготовка на филот. Во тава на оган ставете малку маслиново масло и додајте го исечканиот праз.
- Откако празот ќе се запржи додајте ги соја трошките (претходно накиснати со топла вода и исцедени).
- Додајте го црвениот пипер, соја сосот и малку вода. Оставете на тивок оган додека водата целосно испари.
- Во друга тава ставете маслиново масло и двете чешниња лук.
- Откако маслото ќе се ароматизира додајте ги шампињоните, исечени на листови. Пржете додека испари водата што ја пуштаат шампињоните.
- Потоа додајте ги ренданите моркови и ренданиот црн домат (може да ги ставите и сечкани, но рендани даваат покашеста смеса).
- Посолете, наросете црн пипер и оставете на оган додека се подзапржат морковот и модриот патлиџан. Доволно е само неколку минути бидејќи се рендани.
- Оваа смеса измешајте ја со претходно подготвените соини трошки.
- Тавата во која ќе ја спремате питата треба да биде нелеплива. Премачкајте ја со маслиново масло и ставете половина од тестото.
- Одозгора нанесете ја смесата за фил и поклопете со другата половина од тестото.
- Затворете ги убаво краевите на тестото, покријте со капак и ставете ја питата на тивок оган околу 15 минути.
- По 15 минути тргнете го капакот и поклопете со чинија чиј дијаметар е помал од тој на тавата во која ја печите питата.
- Превртете ја питата, а во меѓувреме тавата премачкајте ја повторно со малку маслиново масло.
- Оставете да се пржи и од другата страна 15 минути. Послужете ја топла со свежа салата по избор. На здравје!
Рецептот го испратил: Катерина Милошевска Глигороска.
Ви препорачуваме да прочитате: Посна фокача со фил од туна, кромид и домати.