posna pita so mak i orevi 1

Посна пита со мак и ореви

Кој е за вкусен посен колач? Ако ви недостигаат вкусни идеи за посни рецепти за празниците кои ни престојат, вие сте на вистинското место. Благодарение на Лана имаме одличен рецепт за посна пита со мак и ореви. Со една подготовка ќе добиете колач со два различни вкусови кој ќе ја разубави вашата празнична трпеза.

Вкуснава пита со мак и ореви не содржи јајца и млеко, па е совршена за посните слави кои ни престојат. Со текот на времето и откако ќе отстои станува повкусна, па така слободно може да ја направите неколку денови пред сервирање. Особината на овој рецепт, што е со два различни фила ќе даде можност за да бирате вкус, а тоа е уште една предност за овој десерт.

posna pita so mak i orevi 2

Состојки:

  • 500 г брашно
  • 250 мл кисела вода
  • 75 мл масло
  • 2 лажици шеќер
  • 25 г свеж квасец

За фил од ореви:

  • 250 г мелени ореви
  • 250 г шеќер во прав
  • 1 ќесичка ванилин шеќер
  • мармалад од кајсија по потреба

За фил од мак:

  • 250 г мелен мак
  • 250 г шеќер во прав
  • 1 ќесичка ванилин шеќер
  • рендана кора од лимон
  • мармалад од вишни или сливи по потреба.

Подготовка:

  1. Во длабок сад за месење ставете квасец, лажичка шеќер и малку брашно. Измешајте и оставете ја смесата некое време за квасецот да нарасне.
  2. Во нараснатиот квасец додајте ги брашното, шеќерот, киселата вода и маслото и замесете тесто. По потреба додајте уште малку брашно.
  3. Вака замесеното тесто покријте го со кујнска крпа и оставете го да одмори околу 30 минути.
  4. Откако тестото ќе нарасне, поделете го на 3 дела и од секој дел развлечете правоаголна кора.
  5. Плехот за печење премачкајте го со масло и со помош на сукало, пренесете ја првата кора врз него.
  6. Во меѓувреме подгответе ги филовите. За филот од ореви во длабок сад измешајте ги мелените ореви, шеќерот во прав и ванилиниот шеќер. Додека пак, за филот со мак измешајте го мелениот мак, шеќерот во прав, кората од лимон и ванилиниот шеќер.
  7. Потоа, половина од кората премачкајте ја со мармалад од кајсии и поросете ја со смесата од ореви, а друагта половина премачкајте ја со мармалад од вишни или сливи и поросете ја со смесата со мак.
  8. Врз вака премачканата кора ставете ја втората кора и повторете ја постапката.
  9. Заврешете со последната кора. Со помош на виљушка направете неколку дупчиња врз кората.
  10. Вака подготвената пита печете ја во претходно загреана рерна на 200 степени, околу 30 минути.
  11. Откако питата ќе се излади, исечете ја на правоаголни штангли и поросете ја со шеќер во прав. Доколку сакате, половината со ореви може да ја поросите со сечкани или мелени ореви. Така ќе добиете два различни видови на колачи.

Ви препорачуваме да прочитате: Медена интегрална пита со ореви и кајсии.

Сподели: