Специјално за љубителите на вкусни печива со фил, а одлична и за сите кои обожаваат посна храна. Оваа посна фокача со фил ќе ги израдува вашите сетила, ќе ги задоволите вашите апетити за вкусно уживање и ќе ги израдува вашите домашни сигурно!
Едноставна е за подготовка, како и многу рецепти кои ги предлага креативната Кате. А, штом доаѓа предлогот од неа, ви потврдуваме дека е превкусно!

Состојки:
За тесто:
- 350 гр брашно
- околу 180-200мл топла вода
- ¼ коцка свеж квасец
- ¼ лажичка сол
- прстофат шеќер
- 1 варен компир.
За фил:
- 160 гр туна од конзерва(во парчиња)
- 1 домат
- 2 главици црвен кромид.
Подготовка:
- Во поголем сад за месење ставете ги сите состојки за тесто и замесете го меко, па оставете го 1 час за да нарасне.
- Во меѓувреме кромидот исечете го на потенки резанки и ставете го во тава со малку масло да се пропржи. За време на пржењето додајте и малку вода. Пржете додека кромидот малку омекне.
- Откако тестото ќе нарасне поделете го на 2 дела.
- Во тава обложена со хартија за печење (или нелеплива тава за печење) со раце растегнете го првиот дел од тестото.
- Одозгора нанесете ги состојките за филот. Доматот исечете го на ситни парчиња и распоредете го, па додајте ги пропржениот кромид и парчињата туна, претходно исцедена од маслото.
- Одозгора попрскајте од маслото од туната и поклопете со вториот дел од тестото.
- Краевите од двата дела тесто притиснете ги со раце за убаво да се спојат.
- Готовата фокача со фил печете ја во загреана рерна на 200 степени, за време од 20-25 минути.
Рецептот го испрати: Катерина Милошевска Глигороска.
Ви препорачуваме да прочитате: Солен посен куглоф со праз и спанаќ.