Во пресрет на пролетта и во тек на Велигденските пости, се инспириравме да направиме одличен нов рецепт посни ржани грицки со ким и лут буковец во нашата кујна! Состојките се лесно достапни и евтини, па ова е одлична можност за да го израдуваме семејството со домашни здрави залчиња кои неодоливо крцкаат!
За креирањето на овие мали крцкави задоволства се заслужни нашите пријатели од Рајска градина, затоа што ни предизвикаа позитивни вибрации и инспирација која вроди со нешто многу вкусно. Рецептот е од нашата кујна и дефинитивно вреди да се проба!

Состојки:
- 100 мл пиво
- 50 мл сончогледово масло
- 50 мл ладно цедено масло од маслодајна репка
- 100 гр ленено семе
- 100 гр сусам
- ½ мала лажичка сол
- 1 полна лажица лут буковец од Рајска градина (по желба може да го замените со благ буковец)
- 1 полна лажица ким од Рајска градина
- ½ лажичка чили во прав од Рајска градина
- 1 рамна лажица прашок за печиво
- 1 чаша ржано интегрално брашно
*Забелешка: може да користите 100 мл сончогледово масло наместо да комбинирате.
Подготовка:
- Во поголем сад за месење ставете ги ладно цедените масла, пивото, лененото семе, сусамот, солта, лутиот буковец, чили зачинот во прав и кимот. Измешајте со помош на лажица.
- Во друг сад ставете ги ржаното брашно и прашокот за печиво, па измешајте ги.
- Во садот за месење, во кој претходно го додадовте пивото и маслото, постепено додавајте го брашното и замесете убаво изедначено тесто.
- По потреба набрашнете ја работната маса.
- Од тестото, со помош на сукало направете кора со дебелина од 4-5 мм и со помош на мал калап за колачи (ние користевме калап за бајадера), исечете ги формите на грицките.
- Оформените грицки редете ги во тава која претходно сте ја обложиле со хартија за печење.
- Ставете ги да се печат во добро загреана рерна на 200 степени за време од 7-8 минути и потоа намалете ја температурата на 120-130 степени и оставете ги во рерна уште 5-10 минути. Ова е важно да го знаете како совет, затоа што ќе добиете минимум 2 тави со грицки, а на втората тава може да ја исклучите рерната после првите 8 минути на 200 степени и да ги оставите грицките да се допечат и да се досушат за да се покрцкави постепено, во исклучената рерна. Превкусни се, нека ви се на здравје!
Ви препорачуваме да прочитате: Солени стапчиња со оригано, буковец и копар.