Испробаните, нови и креативни рецепти се главна одлика на sezahrana.mk. А тоа им го должиме и на нашите соработници кои се вистински мајстори во кујната. Овој пат Диана нѐ изненади со преубави посни ќофтиња од грав.
Рецептов нѐ освои на прв поглед, па мораше да го споделиме со сите. Споделувањето е убаво, а постите се полесни. Затоа ве покануваме да ги споделите вашите рецепти во групата на Сѐ за храна.

Состојки:
- 1 конзерва варен, исцеден грав (450 грама)
- 1 ½ чаша овесни снегулки
- 1 лажица кечап
- 1 лажица сенф
- 1 мала лажичка кромид во прав или 1 лажица сечкан пропржен кромид
- ½ мала лажичка лук во прав
- ½ мала лажичка кимион или мелен ким
- 2 мали лажички сос за скара
- ½ мала лажичка мелен црн пипер
- 1 мала лажичка нане
- сол по вкус
- малку течност од водата од гравот
- 4-5 лажици масло за пржење.
Подготовка:
- Во кујнски блендер или сечко ставете ги сите состојки за подготовка на ќофтињата: гравот, овесните снегулки, доматниот кечап, сосот за скара (доколку немате на располагање може да го замените со кечап), сенфот, пропржениот кромид, лукот и останатите зачини по вкус.
- Миксирајте додека се добие хомогена смеса. Ако смесата е многу сува додајте течност од конзервата со гравот. Најважно е смесата да не е сува, а ни многу течна за да може да се формираат ќофтиња.
- Со влажни раце се формираат мали ќофтиња.
- Во нелеплива тава на оган се става маслото да се загрее. Во загреаното масло се пржат ќофтињата од сите страни.
- Штом се готови се вадат и се ставаат во чинија, претходно обложена со кујнска хартија.
- Се сервираат со доматен сос. На здравје!
Ви предлагаме да прочитате: 5 рецепти за посни ќофтиња.