За просото знаеме дека кај нас се користи како храна за папагали, но дали знаевте дека се почесто се употребува во исхраната на луѓето? Освен тоа што е намирница богата со витамини и минерали, просото е уште една житарка која не содржи глутен и која безбедно може да ја употребуваат лица на безглутенска исхрана. Токму оваа особина на просото му донесе голема популарност.
Повеќе за тоа што претставува просото и како да го подготвувате дома прочитајте во текстот што следува.
Што претставува просото?
Како што кажавме, просото е житарка која не содржи глутен и која безбедно може да се употребува во човековата исхрана, приготвена на разни начини. Постојат повеќе видови на просо и тоа: жолто, црвено, бело и сиво, меѓутоа во продавниците најчесто се продава излупеното просо со жолта боја. Просото е одлична замена за глутенските житарки кај лица со целијакија, а воедно е и богат извор на многу важни минерали како што се: бакар, манган, магнезиум и фосфор.

Слика: flickr.
Дали просото може да го подобри нашето здравје?
Оваа житарка може да го подобри здравјето на кардиоваскуларниот систем, поточно здравјето на срцето. Исто така, поради тоа што содржи фосфор, може да учествува и во обнова на оштетените ткива и во развој на нови ткива. Како и некои други житарки може и да го намали ризикот од појава на дијабетес тип 2. Просото е богат извор на нерастворливи растителни влакна, па така може да превенира создавање на камења во жолчната ќеса. Овие влакна исто така може да придонесат и во превенција на рак на дојката и во одредени други болести.
Како да ја приготвите оваа житарка?
Најпрво треба добро да го измиете просото, а потоа ставете го во вода што врие во однос 1:2,5. Просото варете го со покриен капак околу 20-25 минути. Ако сакате вкус на печено, пред да го сварите просото можете да го потпечете во тава, па потоа да го варите. Зачинете го по желба. Може да го користите и за појадок во комбинација со овошје и јатки или како додаток на салати, супи, чорби, леб и други тестенини. Свареното просо можете и да го измиксате во блендер со додаток на суво овошје, цимет, мед или маџун, па така да си подготвите десерт.
Нутритивна вредност на просото
100 гр просо содржи:
- Калории: 378 ккал (19% од ДПП)
- Тиамин: 0,4 мг (28% од ДПП)
- Бакар: 0,7 мг (37% од ДПП)
- Магнезиум: 114 мг (29% од ДПП)
- Манган: 1,6 мг (82% од ДПП)
- Влакна: 8,5 гр (34% од ДПП)
- Фосфор: 285 мг (28% од ДПП)
- Протеини: 11 гр (22% од ДПП).
ДПП – Дневно Препорачани Потреби.
Автор: Маја Велковска.
Може да ве интересира и 10 здравствени придобивки од употребата на просо.