Ако имавте желба да направите промена во подготовката на гравот, повелете еден прекрасен и здрав предлог од Даниела. Овој рецепт со бел грав е посебно погоден за пролетно-летниот период кога има свежи и многу вкусни намирници како што се копривите и нането кои даваат исклучително добар вкус на вака подготвеното гравче.
Ова јадење, во домот слободно можете да го користите како главно, затоа што има богат вкус и многу храливи материи кои му се потребни на организмот. Белиот грав е многу здрава храна, која се препорачува како здрава, со исклучок на оние кои имаат одредени потешкотии со варењето на храната. Доколку сакате може да прочитате повеќе за здравствената корист од гравот, а при подготовката зависно од расположението и желбите на дегустаторите може да го направите посен. Секако, изборот останува на вас.

Состојки:
- 300 гр бел грав
- 2-3 литри вода
- 1/2 главица целер
- 2 моркови
- 3 парчиња млад кромид
- 2 ловорови листа
- 200 гр пушено месо или ребра
- 10 млади врвови од коприва
- 4-5 гранчиња нане
- друг зачин по желба.
Подготовка:
- Во огноотпорен сад се става гравот и се налева вода (количина која ја покрива површината), а потоа се става да зоврие.
- Откако ќе зоврие, првата вода се истура и се налева врела вода, па повторно се става да се вари. Времето на варење е различно и зависи од квалитетот на гравот.
- Откако ќе почне да се вари. во садот со гравот се додаваат морковот, целерот, ловоровиот лист, кромидчето и сувото месо исечено на поситни парчиња.
- Кога гравот е сварен се додава ретка бела запршка (или доколку не сакате да пржите може да ја разбиете истата количина на брашно и да ја додадете во тенџерето, па да ја оставите неколку минути да вари).
- На крај, додадете ги врвовите од копривите и нането. Оставете да зоврие.
- Готовиот бел грав се трга на страна и се зачинува со сол и зачини по ваша желба. Копривата има малку специфичен вкус, затоа тука е нането да го збогати вкусот.
На здравје!
Рецептот го испратил: Даниела Џогова