Во нашата кујна креиравме слатко традиционално задоволство и ја нарековме ролана посна баклава со ореви и чоколадо. Интернетот изобилува со рецепти за баклава во кои се користи многу маргарин и шеќер, но бидејќи ја знаеме штетноста на истиот, решивме да креираме рецепт за посна баклава со ореви и чоколадо, без маргарин и со помала количина на шеќер, а воопшто не заостанува по вкус. Пробајте и ќе знаете!
Вака припремената баклава ја послуживме на нашите гости за време на посна куќна слава, а на сите им се допадна, па затоа го споделуваме рецептот со сите вас. Комбинацијата од ореви, чоколадо, кокос, бисквити и суво грозје, ја прават оваа посна баклава, со предизвикувачи вкус, кој ќе ве натера да го пробате рецептот во првата прилика и да заборавите на сите комплицирани рецепти кои содржат многу маргарин, масло или шеќер.

Состојки:
- 500 грама кори за баклава
Фил:
- 200 грама посно чоколадо
- 200 грама ореви
- 100 грама суво грозје
- 100 грама кокос
- 100 грама посни бисквити
За премачкување на корите:
- 150 мл газирана минерална вода
- 50 мл масло
Шербет:
- 600 грама шеќер
- 800 мл вода
- 2 ќесички ванилин шеќер
- свежо цеден сок од 1 лимон.
Подготовка:
- Во чинија ставете го сувото грозје и додајте 100 мл топла вода за да го прекрие грозјето. Оставете го грозјето за време од 10 до 15 минути.
- Оревите и бисквитите ситно истолчете ги. Чоколадото изрендајте го на ситната страна на рендето. Во длабок сад ставете ги ренданото чоколадо, толчените ореви, бисквитите кокосот и сувото грозје. Добро измешајте ги состојките.
- Во чинија ставете ја газираната минерална вода и маслото. Добро измешајте ги.
- Корите поделете ги на еднакви делови, така што во секој дел да има по 3 кори или 4 кори, доколку се потенки.
- Првата кора ставете ја на работната маса и попрскајте ја со растворот од вода и масло. Врз неа ставете ја втората кора и таа попрскајте ја со водата и маслото. На крај, ставете ја третата кора. На едниот крај од кората, оставете простор од 1 см и ставете 4 до 5 лажици од филот. Филот распоредете го по должината на кората. Трите кори свиткајте ги како ролат и ставете ги во претходно намрсен плех за печење.
- Постапката со виткање на корите како ролат, повторете ја со преостанатите кори.
- Штом ги наредите сите кори во тавата, со помош на остар нож исечете парчиња, со големина по желба.
- Плехот ставете го да се пече во загреана рерна на 180 степени за време од 30 минути, додека баклавата добие убава румена боја.
- Печената посна баклава оставете ја да се излади.
- Шербетот припремете го така што, во тенџере на силен оган ќе ги ставите водата, шеќерот и ванилиниот шеќер. Штом шербетот зоврие, варете го за време од 3 до 4 минути. Потоа, тенџерето тргнете го од оган и во шербетот додајте го свежо цедениот сок од лимон. Шербетот оставете уште 5 минути да се излади, а потоа полејте ја баклавата. Вака припремената посна баклава со ореви и чоколадо оставете ја неколку часа (најдобро е преку ноќ) на собна температура за да се впие шербетот. Потоа, послужете ја. На здравје!