Крцкавите закиселени моркови, карфиол и корнишони во зима се вистинско освежување. Во Македонија голем број од семејствата покрај останатата зимница припремаат мешавина од зеленчуци во солило познати како руска салата.
Рецептот за руска салата за зимница ни го испрати Клара, а за него таа вели: „Руската салата со овој избор на зеленчук и начин на спремање до сега веќе многу години наназад никогаш не ми се расипала, ниту пак се сменала бојата на зеленчукот. Како го ставате зеленчукот на изглед, така ќе го јадете преку целата зима. А истото солило можите да си го употребите и за некој друг вид на закиселување на зеленчук.“

Состојки:
- 10 кг вкупно крафиол, корнишони и моркови
Солило:
- 10 кг вода
- 300 гр крупна сол
- 1 шолја шеќер
- 250 гр есенција
- 20 гр винобран
- 1-2 пакетчиња црн пипер во зрно по желба.
Подготовка:
- Зеленчукот убаво се мие и чисти. Карфиолот се сече на парчиња, а морковите и корнишоните убаво е да се што помали и остануваат цели. Зеленчукот ставете го во пластично буре, а по желба може да го ставите и во тегли.
- Во 3 кг вода ставете ги сите состојки за солилото. Мешајте додека се се растопат шеќерот и солта, па потоа додајте ја и останатата вода. Солилото ставете го во бурето со зеленчук.
- Во текот на денот повремено промешајте го зеленчукот уште неколку пати или ако е во тегли превртувајте ги за да се распореди убаво течноста. Бурето или теглите со зеленчук чувајте ги на темно и ладно место.
- На крај, зеленчукот убаво натиснете го под солилото и почекајте најмногу 2 недели за да бидат готови. Крцкавата руска салата послужете ја во ладните денови со чашка ракија.
Рецептот го испратил: Клара Бос