Божиќните и новогодишните празници со себе носат посебна магија во домот. Топлината која „расте“ од дружењето и седенките со блиските е незаменлива. Соберете го семејството и радувајте се на новата година што доаѓа. Посакајте си убави нешта и пред се, верувајте дека ќе ви се исполнат. А, за тоа да е уште подобро, припремете малку храна и уживајте. А со кафето на крај, ви предлагаме да ги изненадите со посебно припремен сладок празничен ролат кој потсетува на Божиќ и неговата радост.
Не е тешко, потребно е малку трпение и ќе имате на трпезата детал кој сите ќе го помнат долго. Невена ни кажа како да го направиме овој сладок ролат, па и се заблагодаруваме од срце.

Состојки:
За кора:
- 4 јајца
- 150 г шеќер
- 100 г брашно
- 100 г нишесте
- 60 г стопен путер
- 4 лажици жешка вода
- 5 г прашок за печиво
За прскање на кората:
- 70 мл млеко
- 3 лажици рум
За фил:
- 2 пудинзи од ванила
- 200 г шеќер
- 500 мл млеко
- 120 г чоколадо за готвење
- 1 лажица какао
- 150 г путер.
Подготовка:
- Прво подгответе ја кората. Белките со прстофат сол пенесто изматете ги и оставете ги на страна.
- Жолчките матете ги со водата и постепено додавајќи го шеќерот, продолжете со матењето додека добиете кремаста смеса. Потоа додајте го претходно растопениот путер.
- Додајте ги белките и измешајте со жица.
- Потоа додајте ги и брашното, нишестето и печивото, па се заедно убаво измешајте.
- Смесата истурете ја во голем плех обложен со хартија и ставете ја да се пече на 180 степени, за време од околу 15 минути.
- Печената кора додека е топла ставете ја на влажна крпа и заедно со хартијата завиткајте ја во ролат. Оставете ја да се излади.
- Подготовка на филот. Пудингот сварете го во млекото измешано со шеќерот и оставете го да се излади.
- Чоколадото стопете го и измешајте го со какаото.
- Путерот изматете го и додадете го изладениот пудинг. Додадете го и претходно стопеното чоколадо.
- Готовиот фил ставете го фрижидер малку да се стегне за подобро да се работи.
- На крај филовајте. Одвиткајте ја кората, отстранете ја хартијата и испрскајте ја со млекото измешано со рум.
- Нанесете половина од филот, завиткајте ролат и ставете го на плех.
- Од едниот крај дијагонално исечете парче со ширина околу 3-4 см и со малку фил залепете го од страна, и од другиот крај вертикално исечете уште едно парче широко околу 2 см и исто така залепете го од страна.
- Ролатот премачкајте го со останатиот фил и со виљушка направете линии да изгледа како кора од дрво.
- Пред служење наросете го со малку шеќер во прав. Среќни празници!
Рецептот го испратил: Невена Ѓероска.
Ви препорачуваме да прочитате: Божиќно лепче со суво овошје и тиква.