Доколку сѐ уште го немате составено вашето празнично мени, ова е супер можност да пробате нешто ново. Во светот за божиќните празници се прави божиќно лепче, кое најчесто се приготвува со суво овошје. Многу е декоративно, па со сигурност ќе ја краси вашата празнична трпеза, а со неговиот совршен, сладникав вкус, дефинитивно никого нема да го остави рамнодушен. Бидејќи ова лепче е посно, може да го послужите и за вашите куќни слави.
Рецептот се подготвува од повеќе состојки, но е доста лесен за правење и ќе може да се снајдат и помалку искусните домаќинки. Пробајте го и нека е на здравје!

Состојки:
- 1 2/3 чаши сенаменско брашно
- 1/3 чаша кафеав шеќер
- 1 чаша шеќер
- 1 лажичка сода бикарбона
- ½ лажичка каранфилче
- 1 лажичка цимет
- ½ лажичка морско оревче
- 1/3 чаша масло за готвење
- 1 чаша пире од тиква
- ½ чаша сечкани ореви
- ½ чаша сечкано суво овошје
- семки од сончоглед и тиква по желба
- шеќер во прав по потреба.
Подготовка:
- Во длабок сад измешајте ги брашното, шеќерот, содата бикарбона, каранфилчето, циметот и морското оревче.
- Во друг сад измешајте ги маслото, пирето од тиква и оревите.
- Сувото овошје промешајте го со малку брашно со цел да се спречи неговото пропаѓање во тестото. И него додајте го во смесата со пирето од тиква и маслото.
- Двете смеси соединете ги во една и промешајте ги добро се додека добиете хомогена смеса.
- Вака подготвеното тесто ставете го во намрсен калап за печење на леб во кој претходно сте додале малку семки од тиква и од сончоглед. Површината на тестото измазнете ја со помош на шпатула.
- Лебот печете го околу 1 час и 15 минути на 180 степени, во претходно загреана рерна.
- Откако ќе се испече лебот, најпрво треба добро да се олади, па потоа извадете го од калапот. На крај, изладеното божиќно лепче посипете го со шеќер во прав и послужете го. На здравје!
Ви препорачуваме да прочитате: Божиќен колач со суво овошје.