Срце колачи со крем од бело чоколадо 1

Срце колачи со крем од бело чоколадо

Секој ден може да си го направите посладок со овие симпатични и превкусни срце колачи исполнети со богат слој на крем од бело чоколадо. Без разлика дали имате некаков повод за прославување или не, секој ден е добра прилика  за да и направите на саканата личност прекрасен десерт во облик на срце.

Интересното кај овој десерт е тоа што во себе содржи и зеленчук. Иако, на прв поглед тешко е да се поверува во тоа, всушност прекрасната црвена боја на пандишпанот се должи на цвеклото од кое е направен истиот. Ние секогаш се стремиме во нашите рецепти да користиме природни бои и ароми, па секогаш кога е тоа возможно избираме природни намирници за да добиеме убава боја или вкус на храната. Еве што ви е потребно и како да ги направите.

Срце колачи со крем од бело чоколадо 2

Состојки:

За пандишпан:

  • 3 поголеми цвекла
  • ¾ чаша масло
  • 1/2 чаша кафеав шеќер
  • 2/3 чаша шеќер во прав
  • 2 јајца
  • 1 ¼ чаши брашно
  • 1 лажица какао во прав
  • 1 лажичка цимет
  • 1 лажичка прашок за печиво
  • ¼ лажичка сол

За крем од бело чоколадо:

  • 200 гр омекнат путер на собна температура
  • 170 гр стопено бело чоколадо
  • 1 чаша шеќер во прав
  • 1 лажичка екстракт од ванила

За декорација:

  • шлаг крем по потреба
  • џем од јагоди или малини

Подготовка:

  1. Прво започнете се подготовка на пандишпанот. Цвеклото темелно измијте го и излупете го, па сварете го. Откако ќе се излади, со помош на блендер, претворете го во пире.
  2. Потоа, со миксер изматете ги шеќерот во прав, кафеавиот шеќер и маслото. Додека се уште матите, додајте ги јајцата и миксирајте додека добиете хомогена смеса. Оваа смеса додајте ја во изблендираното цвекло.
  3. Во брашното додајте ги прашокот за печиво, какаото, циметот и солта. Добро промешајте, а потоа додајте ги во смесата со пире од цвекло. Мешајте додека добиете хомогено тесто.
  4. Плехот за печење (со големина од 20*30 см) обложете го со хартија за печење, а страните премачкајте ги со путер.
  5. Вака подготвеното тесто турете го во припремениот плех и ставете го да се печи во загреана рерна на 180 степени, за време од 25 до 30 минути.
  6. Испечениот колач оставете го да се излади во целост, а во меѓувреме подгответе го кремот од бело чоколадо.
  7. Во поголем сад, со миксер на средна брзина матете го путерот додека се претвори во крем.
  8. Чоколадото искршете го на коцки, па растопете го на пареа. Откако малку ќе се излади, додајте го во изматениот путер и измешајте ги со цел да добиете хомогена смеса.
  9. На крај, во вака добиениот крем додајте ги шеќерот и екстрактот од ванила, па повторно со миксер на најмала брзина изматете со цел да добиете убава кремаста структура.
  10. Откако пандишпанот добро ќе се излади, со помош на калап во форма на срце вадете фигури од него. Во зависност од големината на калапот треба да добиете околу 10-12 колачи.
  11. Секое колаче пресечете го на половина, така што од секое срце ќе добиете два дела.
  12. Едната половина од срцето филувајте ја со богат слој на крем од бело чоколадо, па спојте го со другата половина. Повторете ја постапката со сите колачиња.
  13. На крај, изматете го шлаг кремот и премачкајте ги со него, па прелијте ги со џем од јагоди или малини и вашите срце колачи се спремни за дегустација!

Ви препорачуваме да прочитате: Здрав колач со цреши.

Сподели: