Претходно пишувавме за симптомите кои се јавуваат при недостаток од витамин Б1, а сега ќе ве запознаеме со изворите, улогата и дневните потреби на организмот од овој витамин. Тој е важен за правилен метаболизам, добро функционирање на нервите и мускулите и подобрување на менталното здравје. Житарките, некои овошки и зеленчуци се добар извор на витамин Б1, а дневните препорачани количини зависат од полот, како и од состојбата на лицата.
Улога на витаминот Б во организмот
Витаминот Б1 е неопходен за правилен метаболизам на јаглените хидрати, масти и протеини. Потребите од тиамин се зголемени кај лицата со забрзан метаболизам поради покачена температура, зголемена мускулна активност, хипертироидизам и сл. Неопходен е за правилна работа на нервниот и кардиоваскуларниот систем. За да може да делува витаминот Б1 неопходно е да се внесува и магнезиум, а недостатокот на витаминот Б1 може да доведе до недостаток и на витаминот Б12 и обратно. Витаминот Б6 го активира тиаминот во биолошки активна форма. Тиаминот го осигурува преносот на нервните сигнали, допринесува за правилен мускулен тонус и го подобрува менталното здравје.
Може да ве интересира: Вегетаријански извори на витамините од Б комплексот.
Извори на витамин Б1
Тиаминот се содржи во житарките, во внатрешните органи на животните, квасецот, овошјето и зеленчукот. Па така со овој витамин изобилуваат:
- лебот од цело зрно
- пченицата
- пченични никулци
- црното пченично брашно
- кафеавиот ориз
- легуминозите
- сојата
- зелката
- спанаќот
- компирот
- јаткастите плодови
- портокалот
- доматот
- џигерот
- свинското месо
- рибата
- жолчките од јајца
- пивскиот квасец
- срцето и
- бубрезите.
Дневни потреби за тиамин
Препорачаната дневна доза за витамин Б1 кај мажи изнесува 1,2 – 1,4 мг, кај жени 1,0 – 1,1, а кај трудници и доилки 1,4 – 1,5 мг. Зголемени потреби од овој витамин имаат алкохоличарите, лицата кои патат од хронична треска, заболените од црн дроб и жолчно ќесе, лица кои страдаат од долготрајни инфекции, различни цревни болести и долготраен стрес.
Напомена: Тиаминот не треба да се применува за подобрување на апетитот и за лечење на цербрален синдром, дерматитис, хронична дијареја, умор, ментални пореметувања и мултиплекс склероза. Не се познати токсични својства доколку се надминат дневните препорачани дози.
Ви предлагаме да прочитате: Витамин Б12 – нутриент клучен за добро здравје.