За време на празниците и славите, божиќните свеќи се задолжителни, а со нив доаѓаат и дамките од восок. Еве неколку совети кои ќе ви помогнат за лесно отстранување на непријатните дамки од восок кои може да се најдат на свеќниците од метал, стакло, пластика, чаршавите, мебелот и подот.
Украсните и верските свеќи се дел од празниците. И колку и да внимавате, често се случува да се направат дамки од восок. Прво, изберете добри свеќници, а под нив ставете украсни салфетки или слични подметачи. На овој начин ќе избегнете восокот да се залепи за чаршавот. Исто така, свеќниците може да ги премачкате со масло, пред да ја запалите свеќата. Тоа ќе ви помогне за полесно отстранување на восокот.

Отстранете го восокот од метални свеќници со помош на топла вода
Ако имате метални свеќници, тогаш треба да знаете дека проблемот со восокот е малку поголем. Но, и за тоа постои решение. Во поголемо тенџере ставете вода да се вари. Штом водата зоврие, тенџерето тргнете го од огнот и потопете ги свеќниците во врелата вода. Оставете ги додека водата се излади. Со текот на времето ќе забележите дека восокот лесно паѓа од свеќниците. Свеќниците извадете ги од водата и избришете ги со груба кујнска крпа.
Замрзнете ги пластичните и стаклените свеќници за да го отстраните восокот
Пластичните и стаклените свеќници ставете ги во замрзнувач за време од 30 минути. Кога восокот ќе се замрзне, неговото отстранување е многу лесно. Ако останат мали парчиња восок, истите може да ги отстраните со помош на крпа, натопена со бебешко масло.
Бидете внимателни при чистењето на сребрени свеќници
Сребрените свеќници се користат во свечени моменти, а при нивното чистење потребно е да бидете внимателни. Прво, ставете ги во замрзнувач за време од 20 минути. Восокот отстранете го прстите (а не со груби крпи, како во претходните случаи). Преостанатиот восок отстранете го со помош на топче од памук, натопено со 70% алкохол.
Имате дамки од восок на чаршавот? Еве како може да ги отстраните
Восокот направил дамки на чаршавот? И за тоа има решение! Чаршавот ставете го во замрзнувач. Штом восокот се замрзне, внимателно отстранете го со туп нож. Земете хартиени кеси и ставете ги врз чаршавот. Потоа поминете со пеглата врз кесите. Парчињата восок ќе се залепат на хартијата. Доколку се уште има восок, земете нова хартиена кеса. На крај, исперете го чаршавот како и обично.
Од подот и мебелот, восокот може да го отстраните со помош на весник и пегла. Ставете го весникот врз дамката и поминете со пеглата неколку пати. Важно е пеглата да биде приклучена на ниска температура.
Ви предлагаме да прочитате: Направете сами есенска ароматична свеќа.