На интернет може да се најдат најразлични креативни и уникатни идеи за изработка на разни украсни предмети, свеќи, тегли и сл. Денес наидовме на една баш таква, па ја споделуваме со вас. Станува збор за изработка на украсна свеќа со фотографија по ваш избор. Баш оргинално нели?
Вака изработените свеќи се одличен подарок за роденден, годишнина, за денот на вљубените или било кој друг повод, па и без повод. Лицето кое ќе прими ваков подарок во секој случај ќе биде воодушевено, а вас нема да ве чини речиси ништо. Персонализираните подароци во последно време се многу популарни, па наместо да плаќате купишта пари за слични производи, обезбедете неколку бели свеќи и забавата може да започне.
Лесно направете декоративни свеќи со фотографии по ваш избор
Постапката за изработка на декоративната свеќа е многу лесна и истата е прикажана на следново видео. На вас останува само да ги следите инструкциите кои детално се прикажани на видеото и да уживате во крајниот резултат кој ќе ве изненади.
Потребни материјали:
- бела свеќа
- голема бела салфетка
- бел лист, големина А4 формат
- лепило
- мрсна хартија за печење
- ножици
- памучна крпа
- фен за коса
- слика по ваша желба
- печатар.
Начин на изработка:
- Најпрво подгответе ја сликата што сакате да ја залепите врз свеќата така што ќе ја испечатите врз салфетката. Тоа ќе го постигнете така што салфетката внимателно ќе ја залепите со рабовите врз бел лист со големина А4 формат. Потоа испечатете ја сликата како и обично.
- Внимателно исечете ја сликата од испечатената салфетка и ставете ја врз свеќата на местото каде што сакате да ја залепите.
- Свеќата обложете ја со парче мрсна хартија за печење.
- Раката заштитете ја со памучна крпа и со помош на фен за коса загревајте ја свеќата на местото каде што ја поставивте салфетката.
- Откако сликата добро ќе се залепи врз свеќата, отстранете ја мрсната хартија и тоа е целата постапка. Вашата декоративна свеќа е спремна да го краси вашиот дом или пак да израдува некој доколку одлучите некому да подарите уникатен персонализиран подарок.

Ви препорачуваме да прочитате: Миризлива свеќа од портокал за една минута.