тесто од сода бикарбона

Уметност со сода бикарбона – украси во форма на морска ѕвезда

Кој би рекол дека од смеса изработена од сода бикарбона може да се изработат вистински мали уметнички дела. Со вака изработените интересни фигури може да украсувате торти или едноставно да ви послужат како декорација за домот. Денес ќе ви покажеме како да направите морска ѕвезда со тесто од сода бикарбона.

Како да направите морска ѕвезда со тесто од сода бикарбона?

Постапката за изработка е навистина лесна, а истовремено и креативна и забавна, и истата е прикажана и на следново видео. Сигурни сме дека во процесот на создавање на морските ѕвезди со задоволство ќе се вклучат и вредните малечки рачиња на вашите дечиња, па заедно ќе уживате во создавањето на уметничките дела.

Потребни материјали:

  • 2 чаши сода бикарбона
  • 1 чаша густин
  • 1 ¼ чаша вода
  • калап за сечење на тестото во облик на ѕвезда.

За шеќерна смеса за украсување:

  • 1 белка од јајце
  • 200 г шеќер во прав
  • 1 лажичка цеден лимон
  • прехранебени бои по желба
  • четка за сликање.

Начин на подготовка:

  1. Во длабок сад измешајте ги содата бикарбона, густинот и водата, па постепено загревајте ги со постојано мешање додека смесата започне да се згустува.
  2. Кога сместа ќе добие изглед на пире од компир, тргнете ја од оган, извадете ја од садот и покријте ја со влажна крпа за да се излади.
  3. Откако тестото ќе се излади доволно за да може да го месите, развлечете го во кора со дебелина од 1 см и со помош на калап во облик на ѕвезда вадете форми од него. Доколку немате ваков калап, може и со помош на прсти директно од тестото да обликувате форми во облик на морска ѕвезда.
  4. Оформените морски ѕвезди наредете ги на плех обложен со хартија за печење. Печете ги во загреана рерна на 50 степени околу 45 минути или сушете ги на воздух од 2-4 дена.
  5. Потоа, подгответе ја шеќерната смеса за украсување. Во длабок сад за матење со помош на миксер изматете ја белката со шеќерот во прав и лимоновиот сок. Шеќерот во прав додавајте го постепено, со цел да ја добиете посакуваната густина.
  6. Во вака подготвената шеќерна смеса додајте прехранбени бои по ваша желба и со помош на четка за сликање обојте ги готовите морски ѕвезди. Притоа, смесата нанесувајте ја нерамномерно со цел да се добие реален изглед на морска ѕвезда. На крај, вашите украси од тесто од сода бикарбона се спремни да ја красат вашата торта или дом.

Ви препорачуваме да прочитате:  Летна забава за најмалите – уметнички слики од сол.

Сподели: