Името е интересено, а вкусот импресивен и тотално неодолив! Прекрасните фалафел ќофтиња од леблебии се специјалитет кој најмногу се консумира на Средниот Исток, а се смета дека потекнуваат од Египет. Толку се убави, што не треба да ги пропуштите. Искористете го првиот момент на малку слободно време и дефинитивно одлучете се да ги пробате!
Обично се служат завиткани во пита лепче “lafa” или завиткан сендвич во ролна, кое е делумно заслужно за името на овие ќофтенца. Многу е добро што се посни и без глутен, па претставуваат навистина лесна храна за телото, а исто така можат да се служат како мезе или ужина во широк спектар на комбинации во салати, прилог на зеленчук и во комбинација со разни сосови. Најдобри се кога се служат топли, но и ладни не заостануваат во вкусот.

Состојки:
- 300 гр леблебии
- 1 главица кромид
- 2-3 чешниња лук
- сол и црн пипер
- мелен ким
- кориандер (доколку имате)
- малку лута мелена црвена пипер
- магдонос
- 1 лажичка прашок за печиво
- масло за пржење.
Подготовка:
- Леблебиите прелијте ги со ладна вода и оставете ги преку ноќ да стојат во фрижидер. Наредниот ден добро исцедете ги и иситнете ги во блендер, при што не е потребно да ги варите претходно.
- Додајте го кромидот, лукот и останатите зачини по вкус, а најдобро е прво да додадете малку и по потреба да ја зголемите нивната количина. Кромидот и лукот треба да се ситно сечкани, а може да користите и млади, зависно од сезоната. Доколку сакате вкусот да е поизразен и повеќе да се поврзат состојките, кромидот и лукот малку издинстајте ги.
- Повремено прекинете со матењето и исклучете го миксерот, отстранете ги зрнцата од маталките и продолжете додека фино се иситни смесата, но да остане зрнеста, односно да не е мазна како паста.
- Со помош на лажица или наводенети раце, формирајте ги превкусните, посни и безглутенски фалафел ќофтиња од леблебии. Смесата е доволно компактна и сите состојки без потешкотии остануваат заедно.
- Загрејте го маслото, ставете неколку фалафел ќофтиња. За да им остане формата убава, најдобро пржете ги во длабоко масло додека поруменат од сите страни.
- Пржените фалафел ќофтиња од леблебии извадете ги во сад покриен со кујнска хартија за да се впие вишокот на мрснотија, а потоа сервирајте ги и послужете ги.
Предлог за прилог на нашата пријателка од блогот Кuhinjica mignone е јогурт или млечен сос и топли пресни лепчиња. На здравје!