Во пресрет на Денот на вљубените и виното ние сме во потрага по најубавите рецепти со кои ќе можете да ги изненадите вашите сакани. Па така, наидовме на овој прекрасен и многу декоративен рецепт за чоколадни мафини со крем од малини.
Убедени сме дека нема поубав и посладок начин за искажување на љубов, од тоа на саканиот да му подготвите неодолив десерт кој изобилува со чоколадо и малини. Не е залудно кажано дека патот до машкото срце води низ стомакот, а ние би се сложиле дека и до женското многу полесно се стигнува со нешто благо и чоколадно, а особено ако тоа е во облик на мафини.

Состојки:
- 60 г иситнето темно чоколадо
- 2 супени лажици какао во прав
- 1/3 чаша врела вода
- ½ чаша кисела павлака
- 1 чаша брашно
- ¾ лажичка сода бикарбона
- ¼ лажичка сол
- 4 лажици омекнат путер
- ¾ чаша шеќер
- 2 големи јајца
- ¾ чаша свежи или замрзнати малини, на собна температура
- 1 чаша чоколадни капки.
За крем од малини:
- ¾ чаша свежи или замрзнати малини, на собна температура
- 3-4 шеќер во прав
- 6 лажици несолен путер на собна температура
- млеко по потреба
- 24 свежи или замрзнати малини за декорација.
Подготовка:
- Прво започнете со подготовка на мафините. Во калапот ставете ги хартиените корпички. За овој рецепт ќе ви бидат потребни околу 24 корпички.
- Во сад измешајте ги какаото и иситнетото чоколадо, па прелијте ги со жешка вода. Повторно измешајте додека чоколадото се растопи и се добие хомогена смеса. Во чоколадната смеса додајте ја киселата павлака и добро промешајте додека добиете изедначен крем.
- Во друг поголем сад просејте го брашното. Во пресеаното брашно додајте ги сода бикарбоната и солта.
- Во сад за матење ставете го путерот и додајте го шеќерот. Со помош на миксер изматете го путерот. Додека матите, постепено во садот додавајте ги јајцата едно по едно.
- Во смесата со путер и јајца додајте ги брашното и чоколадната смеса. Мешајте со помош на шпатула се додека добиете хомогена смеса.
- Малините со помош на виљушка малку згмечете ги за да пуштат сок, па заедно со чоколадните капки додајте ги во смесата за мафини. Повторно измешајте ја смесата.
- Со вака подготвената смеса за мафини наполнете ги хартиените корпички до половина, па калапот за мафини ставете го да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени, за време од околу 15 минути.
- Печените мафини извадете ги од рерната и оставете ги да се изладат околу 15 минути.
- Во меѓувреме подгответе го кремот од малини. Малините ставете ги во цедалка и со помош на шапатула исцедете го нивниот сок. Треба да добиете околу ¼ чаша сок од малини.
- Со помош на миксер изматете го путерот заедно со шеќерот во прав и сокот од малини. Доколку добиениот крем е прегуст може да додадете малку млеко. А доколку ви се чини дека е многу редок додајте уште малку шеќер во прав. Кремот треба да има мазна и кремаста конзистенција за да може лесно да се обликува и одржува на мафините.
- Кремот од малини ставете го во готварски шприц и филувајте ги изладените мафини. Потоа, по ваша желба може да ги поросите со шеќерни украси во форма на срце, а на врвот на секој мафин да ставите по една свежа или замрзната малина.
Ви препорачуваме да прочитате: Мафини со пире од јаболка и цимет.