Ако ви се јаде нешто благо или сакате да подготвите вкусен десерт за пријателите, ви предлагаме да ги пробате чоколадните бомбици со орео колачиња и крем сирење. Вака направените бомбици се многу популарни ширум светот, па затоа го преработивме рецептот. Овие чоколадни орео бомбици се неодоливо кремасти, а истовремено и крцкави поради орео бисквитите. Совршени се и за претстојниве празници, бидејќи се прават многу брзо, а се многу вкусни и декоративни.
Доколку овие бомбици ги закачите на стапчиња за ражничи, ќе добиете совршен десерт за детските родендени, а децата просто ќе ги обожаваат.

Состојки:
- 1 пакување орео или некои други чоколадни бисквити
- 240 грама несолено крем сирење
- 200 грама бело или црно чоколадо
- 2 лажици масло за готвење.
Подготовка:
- Бисквитите измелете ги.
- Во иситнетите бисквити додајте го крем сирењето, па се добро промешајте додека добиете хомогена смеса. Подготвената смеса за бомбици ставете ја во фрижидер за да се стегне.
- Од изладената смеса обликувајте ги бомбиците.
- Чоколадо растопете го во сад на пареа. Во чоколадото додајте 2 лажици масло и измешајте. Можете да користите и бело и црно чоколадо, па да добиете бомбици во две бои.
- Изладените бомбици прелијте ги со растопеното чоколадо и украсете ги по ваша желба. Доколку сакате можете да ги закачите и на стапчиња за ражничи и да ги изненадите најмалите. На здравје!
Ви препорачуваме да прочитате: Визитарски колачи чизкејк коцки.