Божиќна печена мисирка 2

Божиќна печена мисирка

Овој Божиќ израдувајте ги вашите најблиски со божиќна печена мисирка. Овој рецепт совршено одговара со бело вино. Печената мисирка е јадење кое се служело низ кралските дворови за време на најсвечените настани. Месото од мисирка е малку потемно и има поинтензивен вкус за разлика од пилешкото, а некои по вкус го споредуваат дури и со телешкото.

Доколку се одлучите за вашиот божиќен ручек да послужите печена мисирка, никогаш не одбирајте голема мисирка. Идеална тежина е од 3,5 до 5,5 кг. Ова месо е  помрсно од пилешкото, но сепак не е мрсно како другите животински меса. Доколку ја купите замрзната, оставете ја преку ноќ во фрижидер за да се одмрзне. Најважно е пред приготвувањето на месото да се отстрани мрсниот слој од мисирката.

Можете да ја печите и без полнење, но за свечени моменти обично се користат и додатоци. Па така, Евреите ја полнат со јаболка, црвена зелка и костени, Германците ја приготвуваат со кисела зелка и пире од компири, а Скандинавците ја полнат со суви сливи и јаболка. На запад пак ја сакаат зачинета со жалфија и лук.

Состојки:

  • 2 мандарини или 1 портокал
  • 3-4 моркови, исечкани на кругови
  • 4-5 излупени компири
  • 2-3 чешниња лук, покрупно исечкани
  • 5-6 стебленца целер, исчистени и исечкани
  • ¼ чаша стопен путер
  • ½ лажица сува жалфија
  • ½ лажица сол
  • ¼ лажица црн пипер
  • мисирка од 3-4 кг.

Подготовка:

  1. Загрејте ја рерната на 210 степени.
  2. Дел од кората од мандарини или од портокал изрендајте ја и промешајте ја со половина од стопениот путер, жалфија, сол и црн пипер.
  3. Мисирката ставете ја во поголем плех за печење и премачкајте ја со смесата од зачини.
  4. Преостаната кора исечкајте ја на четвртинки и заедно со дел од лукот ставете ги во внатрешноста на утробата на мисирката.
  5. Морковите, компирите, целерот и останатиот дел од лукот добро исчистете ги и исечкајте ги на покрупни парчиња, па распределете ги околу мисирката. Додајте ја и останатата половина на путер.
  6. Најпрво мисирката печете ја на 210 степени за време од 30 минути, па намалете ја температурата на 160-170 степени и на таа температура печете ја дополнително уште 2-2,5 часа. Температурата во внатрешноста на месото би требало да изнесува околу 80 степени.
  7. Додека се печи мисирката повремено преливајте ја со течноста која ја испуштила.
  8. Откако ќе се подизлади, сервирајте ја на чинија заедно со зеленчукот со кој се печеше. На здравје!

Ви препорачуваме да прочитате: 8 чекори како да направите совршено вкусна мисирка за Божик како Џејми Оливер.

Сподели: