Брза пица од леб 1

Брза пица од леб

Ние ги обожаваме иновативните рецепти со кои од малку состојки може да направиме интересни и брзи јадења. Блогот на нашата пријателка Лана изобилува баш со такви рецепти –  едноставни, превкусни и што е најважно со лесно достапни намирници. За денес, издвоивме за вас еден необичен рецепт за брза пица од леб. Совршена за деновите кога не ви се готви, а сепак сакате да направите нешто вкусно за најблиските.

Убавото кај овој рецепт е тоа што на многу лесен начин може да го искористите вишокот на стар леб кој ви се собрал дома, а не сакате да го фрлите. Кога лебот е подготвен на овој начин, сигурни сме дека никој нема да има никаква забелешка. Нешто што мора да се проба!

Брза пица од леб 2

Состојки:

  • 8 парчиња стар леб
  • домати од конзерва
  • 1 чешне лук
  • сол по потреба
  • 3 јајца
  • млеко по потреба
  • неколку парчиња кашкавал или некое друго сирење по ваша желба
  • оригано и босилек по желба
  • путер за премачкување
  • свежи листови босилек по желба.

Подготовка:

  1. Најпрво лебот исечете го на парчиња и потопете го во малку ладно млеко.
  2. Секое парче леб внимателно исцедете го од вишокот на млеко. Притоа внимавајте истото да не го изгуби обликот.
  3. Натопените парчиња леб наредете ги во калап или плех за печење кој претходно сте го премачкале со путер. Пожелно е лебот да го исечите на помали парчиња за да може полесно да го наредите во калапот.
  4. Во тава на оган во малку загреано масло испржете ситно сечкан лук.
  5. Потоа додајте ги и доматите од конзерва. Посолете ги и зачинете ги по вкус. Динстувајте ги околу 10 минути додека сосот се згусни.
  6. Со вака подготвениот доматен сос прелијте ги парчињата леб.
  7. Врз доматниот сос наредете ги и парчињата кашкавал или некое друго сирење по ваша желба. По ваш вкус може да додадете и ситно сечкана шунка.
  8. Јајцата изматете ги со малку млеко.
  9. На крај, вака подготвените парчиња со леб прелијте ги со матените јајца, поросете ги со оригано и босилек по ваша желба и печете ги во загреана рерна на 200 степени, околу 30 минути.
  10. Испечената пица од леб украсете ја со ливчиња свеж босилек и послужете ја додека е топла. На здравје!

Совет плус: Во летните месеци кога има свежи домати во изобилство, може да ги користите нив во замена за конзервираните.

Ви препорачуваме да прочитате: Пица од шпагети.

Сподели: