сладолед со џем

Брз кремаст сладолед со 3 состојки

Топлите денови само што започаа! А прва асоцијација на летото е сладоледот. Кога е домашен е уште повкусен, нели? За овие летни денови имаме супер предлог за брз, кремаст сладолед кој се прави само од 3 состојки. Полесно не може да биде, а вкусот воодушевува.

Потрагата по највкусните и најлесните рецепти за домашни сладоледи, завршува на тука. – На sezahrana.mk ги имаме најдобрите испробани рецепти за сечиј вкус. Во оваа прилика споделуваме еден навистина лесен рецепт за кремаст сладолед со џем од јагоди. Освежителен сладолед со овошен вкус кој ќе ве освои на прав залак. Се прави лесно и брзо, без апарат за сладолед, па сигурни сме дека ова лето ќе ви биде еден од омилените. Сѐ што ви е потребно е една мала тегличка со џем од јагоди (или било кое овошје по ваш вкус), слатка павлака и лимонов сок.

Сладолед со џем

Состојки:

  • 200 -300 г џем од јагоди
  • 400 мл слатка павлака
  • сок од 1 лимон.

Подготовка:

  1. Во длабок сад за матење ставете ја слатката павлака. Изматете ја со миксер додека добиете цврст шлаг.
  2. Во садот додајте ги џемот од јагоди и лимоновиот сок. Изматете со миксер или жица за матење додека  со соединат сите состојки.
  3. Вака подготвената смеса ставете ја во пластичен сад. Сладоледот ставете го во замрзнувач за време од 4-5 часа.  Пред служење извадете го од замрзнувачот и оставете го на собна температура околу 15-тина минути. Послужете го со свежо овошје по избор.

Неколку совети од нас:

  • Сладоледот не е потребно да го мешате додека е во замрзнувач, бидејќи не формира површински мраз. Исто така нема потреба од користење на апарат за сладолед за негова подготовка.
  • По желба може да додадете пасирано овошје. Ако го правите со џем од јагоди, додајте 10 пасирани јагоди кон крајот на подготовката.

Ви препорачуваме да прочитате: Домашен карамел сладолед.

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

Сподели: