Домашен карамел сладолед

Домашен карамел сладолед

Дали сте пробале карамел сладолед? А што ако ви кажеме дека ова лето може да се освежите со фантастично вкусен сладолед каков што нема да најдете во ниту една продавница или слаткарница. На блогот на нашата пријателка Лана наидовме на еден супер рецепт за подготовка на ова слатко задоволство. И што е најважно, се прави лесно и брзо и воопшто не е комплицирано.

Ретко кој од нас се осмелува дома да си направи карамел сладолед. Најчесто повеќето домаќинки сметаат дека процесот на подготовка на овој сладолед е тежок и комплициран, па се откажуваат од таа идеја. Наместо тоа, се задоволуваат со купечките сладоледи со вкус на карамел. Но, тоа не мора да биде повеќе така.

карамел сладолед

Состојки:

  • 250 мл млеко
  • 250 мл слатка павлака
  • 1 ванилин шеќер
  • 5 жолчки
  • 125 г шеќер.

Подготовка:

  1. Во длабок сад на тивок оган ставете 3 лажици шеќер и растопете ги како карамел.
  2. Потоа, во растопениот шеќер внимателно додајте ги млекото, слатката павлака и ванилиниот шеќер. Додавајте ги постепено и при тоа користете длабок сад бидејќи кога ќе го додадете млекото во загреаниот шеќер, тоа многу брзо ќе се подигне.
  3. Смесата варете ја тивок оган се додека шеќерот се растопи.
  4. Тргнете го садот со млекото од огнот и оставете го 10 минути да се излади.
  5. Потоа, преостанатите 3 лажици шеќер изматете ги со жолчките во пенеста смеса и додајте ги во жешкото млеко.
  6. Вртете го садот на оган и загревајте го на ниска температура уште кратко време додека смесата од млеко и жолчки зоврие.
  7. Со дрвена лажица нацрпете малку од вака подготвената смеса и со помош на прст повлечете од карамелот, со цел да утврдите дали истиот има соодветна густина. Кога ќе повлечете со прстот, лажицата треба да остане чиста и тогаш може да го тргнете садот од оган.
  8. Вака подготвената смеса за сладолед префрлете ја во калап за сладолед и оставете ја некое време на собна температура да се излади. После, покријте ја со фолија (за да се спречи создавањето на кристали од мраз) и ставете ја во замрзнувач за да се стегне.
  9. Смесата повремено мешајте ја и повторно враќајте ја во замрзнувач.
  10. Откако сладоледот добро ќе се стегни, послужете го со ситно сечкани бадеми или со некој друг додаток по ваша желба.

Ви препорачуваме да прочитате: 5 избрани рецепти за домашни сладоледи.

Сподели: