Велигденска кошничка од макарони 1

Велигденска кошничка од макарони

Остана уште многу малку време до почетокот на велигденските празници, па време е да си направиме нешто креативно кое на домот ќе му даде празнична магија. Препуштете и се на фантазијата и овој Велигден направете нешто поинакво од секогаш и воодушевете ги вашите најблиски со креативноста. Имаме еден многу интересен предлог за декорација на велигденската трпеза за која ви се потребни само еден балон и макарони, а со чија помош ќе направите прекрасна велигденска кошничка од макарони.

Постапката за изработката на велигденската кошничка од макарони е прикажана на следново видео и на вас останува само да ги следите чекорите кои се прикажани во него. Крајниот резултат е навистина прекрасен, вреди да се обидете.

Потребно:

  • балон
  • сликарска четка
  • макарони
  • тестенини во облик на школка
  • лепило
  • лак во црвена боја
  • пинцета
  • жолта боја во спреј
  • фломастер
  • силиконски пиштол
  • основа од потрошена креп трака
  • хартија во зелена боја

Начин на изработка:

  1. Најпрво треба да го надувате балонот до посакуваната големина на кошничката.
  2. Со фломастер нацртајте јајцевиден круг на едната страна на балонот, кој ќе служи како отвор на кошничката.
  3. Потоа премачкајте го балонот со помош на сликарска четка со лепило. Но, не ставајте лепило врз кругот кој ќе служи за отвор.
  4. Врз лепилото, со помош на пинцета лепете ги макароните околу предвидениот отвор. За оваа цел бирајте макарони со помала големина.
  5. Откако ќе го излепите целиот балон со макарони, оставете го лепилото да се исуши, па рушете го балонот и отстранете го од добиената кошничка.
  6. Кошничката од макарони исчистете ја темелно од остатоците од лепило, па испрескајте ја со спреј во жолта боја.
  7. Потоа тестенините со облик на школка премачкајте ги со лак за нокти со црвена боја и оставете ги да се исушат.
  8. Со помош на силиконски пиштол, залепете ги вака подготвените школки околу отворот на кошничката. Може да ги залепите и на други места по ваш вкус.
  9. Потрошената креп трака обложете ја со зелена хартија, па со силиконски пиштол залепете ја како основа на кошничката од макарони.
  10. И за крај, во вака подготвената кошничка ставете малку слама, велигденски јајца и други украси по ваш вкус и уживајте во престојните велигденски празници. Нека ни се за многу години празниците!

Ви препорачуваме да прочитате: Декорација на велигденски јајца со вратоврска.

Сподели: