витамин а

Витамин А за правилен раст, развој и силен имунитет

Витаминот А е првиот откриен витамин, па затоа е именуван со првата буква од латиницата. Припаѓа на групата на витамини растворливи во масти, а има голем број на улоги во организмот кои се неопходни за зачување на доброто здравје.

Улога на витаминот А во организмот

Во организмот витаминот А има повеќе улоги. Тој е познат значаен антиоксиданс, го спречува оштетувањето на клетките од слободните радикали и помага во зајакнување на имунитетот. Покрај тоа, тој учествува во контролата на растот и развојот на ткивата, особено коските и кожата. Познато е дека витаминот А помага за регенерирање на кожата од оштетувањата предизвикани од штетните УВ зраци, а е особено важен при третман на акни и мали брчки.  На нашето тело му е потребен витаминот А за да се произведе родопсин, односно пигмент кој ни помага да гледаме кога е темно. Докажано е дека витаминот А дејствува профилактично кај некои видови рак, помага за намалување на нивото на лош холестерол и го намалува ризикот од срцеви заболувања.

Покрај тоа значаен е и за:

  • косата и ноктите
  • забите и непцата
  • респираторниот систем
  • репродуктивниот систем.

Храна која изобилува со витамин А

Витаминот А во храната се наоѓа во две основни форми. Ретиноидите, се активните форми на витаминот А, кои се наоѓаат во производите од животинско потекло како:

  • месо
  • полномасно млеко
  • јајца
  • црн дроб.
витамин а

Прекурсорите на витаминот А – каротеноиди се наоѓаат во жолтото и темно зеленото овошје и зеленчук како што се:

  • моркови
  • слатки компири
  • спанаќ
  • тиква
  • диња
  • кајсија
  • папаја
  • манго
  • грашок.

Највисока количина на витамин А има во свежиот зеленчук, потоа во замрзнатиот и најмалку во конзервираниот. Иако, при готвењето генерално не се уништува, може да се деактивира кога е изложен на влијание на железо и бакар.

Симптоми кои се јавуваат при недостаток на витамин А

Недостатокот на овој витамин, иако е реткост, сепак се појавува. Недостатокот на витаминот А може да биде причинет од недоволна застапеност во исхраната, заради намалена ресорпција на масти како и неспособност организмот да го претвори каротенот во витамин А. Првиот симптом кој се јавува при недостаток на витамин А е влошениот вид, кој се манифестира со ноќно слепило. При долготраен недостаток на витамин А се забележува недоволен телесен развиток на децата, проблеми со репродуктивниот систем кај возрасните, гингивитис, многу сува кожа и инфекции. Ако недостатокот е голем може да дојде и до спонтан абортус и анемија.

Некои од симптомите кои се појавуваат при дефицит на витамин А се:

  • склоност кон вирусни инфекции
  • опаѓање на косата
  • загуба на апетит
  • проблеми со коскитe.

Предозирање со витамин А

Прекумерниот внес на витамин А во организмот нарекува хипервитаминоза А. Најчесто предозирање со витамин А се добива со прекумерно консумирање на витамин А како додаток во исхраната. Симптомите при хипервитаминоза А се опаѓање на косата, болки во зглобови, главоболка, омалаксаност, депресија и анемија. Особено е важно да се внимава при внесување на витамин А кај бремените жени бидејќи може да предизвика оштетување на плодот. Несаканите ефекти спонтано исчезнуваат по прекин на внесувањето на витаминот А.

Сподели: